🎥 БОЛЕН ЗА КОНЦЕРТ, АМА ЗДРАВ ЗА ФУДБАЛ Род Стјуарт откажал концерт 40 минути пред почетокот, па одлетал на утакмица
Легендарниот пејач го откажа концертот во калифорнискиот град Чула Виста, а потоа објави видео. Кога сфатија каде оди, обожавателите збеснаа
Музичарот Род Стјуарт повторно откажа концерт поради болест, а потоа предизвика лавина од негативни реакции затоа што само ден потоа отпатува во Бостон за натпреварот од Светското првенство помеѓу Шкотска и Хаити.
Легендарниот пејач требаше да настапи во амфитеатарот North Island Credit Union во Чула Виста, во близина на Сан Диего, но го откажа концертот 40 минути пред почетокот. На неговиот Инстаграм профил беше објавена изјава во која се вели дека на музичарот му е дијагностицирана акутна инфекција на горните дишни патишта што предизвикала ларингитис.
– Со големо жалење, Род Стјуарт мораше да го откаже вечерашниот настап во Чула Виста. Тој допатува на локацијата и направи сè што можеше за да настапи, но по совет на неговиот лекар, не може да се качи на сцената вечерва – се вели во соопштението. Стјуарт подоцна самиот издаде изјава, заедно со фотографија направена во празен амфитеатар.
Тој напиша дека се чувствува подобро по терапијата, но дека гласот не му се опоравил целосно, поради што не можел да настапи.
– Многу сум разочаран и искрено им се извинувам на сите мои обожаватели. Направив сè што можев за да се случи шоуто, но за жал тоа не беше можно. Ќе направиме сè што можеме да најдеме нов датум – рече тој. Неговите обожаватели имаа разбирање за откажувањето на концертот и го поддржаа во коментарите.
Сепак, нивното мислење се промени кога денот по откажаниот концерт, пејачот објави видео од приватен авион, на пат кон Бостон. Тој го сними видеото со своите синови Лиам и Аластер пред натпреварот на кој отидоа да ја поддржат шкотската репрезентација.
– Еве нè, летаме за Бостон за да ја гледаме Шкотска на Светското првенство. Поминаа 28 години откако бевме тука. Бев на седум Светски првенства и се надевам дека ќе поминеме понатаму. Ако тоа се случи, би можел да умрам среќен – рече музичарот во видеото, наведувајќи: „Момчињата и јас летаме за да ја гледаме нашата Шкотска на Светското првенство. Нема Шкотска, нема забава.
Некои фанови подоцна го видоа на стадионот Фоксборо, каде Шкотска го победи Хаити со 1-0.
Неговото пристигнување на натпреварот не помина добро кај навивачите кои го чекаа претходната ноќ пред неговиот откажан настап.
– Ова изгледа прилично неискрено. Беше премногу болен за настап, но не и за да леташ низ земјата за натпреварот?, Изгубив дел од мојата почит кон тебе. Стадион полн со луѓе беше разочаран и Малку повеќе претпазливост нема да наштети, беа некои од коментарите.
Сепак, имаше и такви кои го бранеа музичарот, забележувајќи дека звучел рапаво во видеото. По негативните коментари, се огласи претставникот на пејачот, велејќи дека информациите за болеста се точни и дека Стјуарт примил повеќе третмани и дози на стероиди во обид да настапи.
– Тој беше на локацијата и се обидуваше да го одржи концертот до последен момент. На крајот, моравме да го откажеме затоа што едноставно немаше глас. Терапијата почна да делува, но беше предоцна за да излезе на сцената – рече тој.
View this post on Instagram