МИЦКОСКИ ОЧЕКУВА ЗНАЧИТЕЛНО ПОЕВТИНИ ГОРИВА СЛЕДНАТА НЕДЕЛА По најавениот договор Иран-САД, нафтата паѓа на берзите
Ги следев (случувањата на светските берзи) патувајќи кон Битола, се движат некаде околу 82,83 долари за барел. Така што следната недела очекувам поголемо и позначително намалување, истакна премиерот, одговарајќи на новинарско прашање.
По објавата дека има нацрт-договор меѓу САД и Иран и падот на цените на нафтата на светските берзи, премиерот Христијан Мицкоски очекува следната недела позначително поевтинување на горивата во земјава.
– Цените на нафтените деривати почнаа од денеска да се намалуваат, а одлуката која што би требало да ја донесе РКЕ се однесува за минатата седмица. Според нашите калкулации, бидејќи престанува да важи кризната состојба, бидејќи договорот е постигнат, очекувам цените да се движат тука во рамките на половина денар и исти да останат кога станува збор за дизел-горивата и околу денар и пол до два денари зголемување кај бензините. А следната недела очекувам значајно намалување, бидејќи од денеска цените на берзите за нафтата и нафтените деривати, драматично опаднаа. Ги следев патувајќи кон Битола, се движат некаде околу 82,83 долари за барел. Така што следната недела очекувам поголемо и позначително намалување – истакна Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по свеченото отворање на отворање на фабриката „Бреинчајлд“ во индустриската зона Жабени во Битола.
Премиерот додаде дека и понатаму остануваме земја која што има најниска цена на бензините и дизел горивата во регионот.
– Тоа особено се чувствува тука во Битола. Има бензински станици каде што 50 проценти е зголемен прометот од страна на граѓаните од нашиот јужен сосед. Така што, овие три месеци, би рекол, прилично достоинствено ги издржавме. Во ниту еден момент не дозволивме да имаме каква било рестрикција на бензинските пумпи, не го ограничивме извозот, напротив, ги отворивме нашите порти за граѓаните од соседните земји да точат и кај нас горива – додаде Мицкоски.
Тој нагласи дека обезбедиле доволно количини на горива, по половина евро по просек по литар и повтори дека нашите горива беа поевтини од оние кај соседите.
Мицкоски додаде дека ако овој договор меѓу САД и Иран е финален и конечен и со него се става крај на оваа неколкумесечна војна, што ја предизвика најголемата енергетска криза во последниот милениумот, тогаш „можеме да бидеме прилично среќни и задоволни од тоа како се справивме во овие исклучително предизвикувачки времиња“
– Не очајувавме, не свикувавме панични прес-конференции, туку работевме и еве дојдовме до оваа цел – рече Мицкоски.