ДАТА-ЦЕНТРИ И ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА, ТОА Е ИДНИНАТА Мицкоски најави неколку инвестиции во високата технологија
Премиерот Мицкоски посочува дека Македонија мора да биде меѓу земјите што ја развиваат новата индустрија.
Премиерот Христијан Мицкоски ја потврди поддршката за изградба на дата-центри во земјава, оценувајќи дека тие, заедно со вештачката интелигенција, се клучни за идниот технолошки развој.
Во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, Мицкоски рече дека поддржува дата-центри и ќе продолжи и понатаму затоа што тоа е иднината и целиот свет својот развој го гледа преку дата-центрите и вештачката интелигенција.
– Да, сум за дата-центри и ќе продолжам да бидам затоа што тоа е иднината. Затоа што денеска светот својот развој го гледа само во дата-центрите, вештачката интелигенција и нема да дозволам, прво како инженер, второ како професор, мојата земја и моите граѓани да бидат на опашката, наместо да имаат можност да бидат на челото на поворката која ќе промовира ваков тип на индустрија – потенцира премиерот.
Тој додаде дека токму заради тоа секоја можност која ќе се укаже за ваков тип на индустрија ќе биде зграпчена, како и тоа дека во моментов се работи на неколку такви инвестиции.
Во врска со противењето на опозицијата и нивните обиди да се повикаат на граѓаните, премиерот Мицкоски нагласи дека токму тие ја распродаваа земјата, како и тоа дека граѓаните не сакаат да се идентификуваат и не сакаат да имаат ништо со оваа опозиција.