„ЛИБАН ТРЕБА ДА БИДЕ НАШЕ ИГРАЛИШТЕ“ Израелците се против примирјето

Претседателот на САД, Доналд Трамп е вистински пријател и мора да се однесуваме кон него љубезно и топло, но мора да му кажеме дека не можеме да се согласиме на прекин на огнот во Либан, вели министерот за национална безбедност на Израел, Итамар Бен-Гвир.

0

Министерот за национална безбедност на Израел, Итамар Бен-Гвир, денеска повика на отфрлање на каков било договор за прекин на огнот во Либан, велејќи дека арапската земја „треба да биде игралиште на Израел“.

– Израел не може да се согласи на прекин на огнот во Либан – рече крајнодесничарскиот министер Бен-Гвир во интервју за израелскиот јавен радиодифузен сервис КАН.






Тој го повика премиерот Бенјамин Нетанјаху да му пренесе на американскиот претседател Доналд Трамп дека Израел отфрла прекин на огнот во Либан.

– Трамп е вистински пријател и мора да се однесуваме кон него љубезно и топло, но мора да му кажеме дека не можеме да се согласиме на прекин на огнот во Либан. Ние донесуваме одлуки и нашите војници постигнуваат добри резултати – рече Бен-Гвир.

Неговото противење доаѓа во услови на растечко несогласување во израелските политички и безбедносни кругови околу меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран и неговите можни импликации за прекинување на војната на либанскиот фронт.

Израел и Либан треба да одржат петта рунда директни разговори во Вашингтон во вторник. Претстојните разговори следат по четири претходни рунди што почнаа во април како дел од процесот за прекинување на војната на Израел во Либан.

Разговорите со посредство на САД ќе се случат во време кога во Израел растат критиките за начинот на кој Вашингтон ги води разговорите со Иран и со Хезболах.

Израелски медиум, повикувајќи се на израелски претставници, објави дека Тел Авив се плаши дека договорот меѓу САД и Иран би можел да ги зајакне Техеран и неговите регионални сојузници.

Официјалните лица велат дека администрацијата на Трамп и нејзиниот преговарачки тим „погрешно ја разбираат идеологијата што ги движи Техеран и Хезболах“.

– Трамп не зборува шиитски – рекоа тие, алудирајќи на она што го сметаат за погрешно разбирање на природата на иранскиот систем и Хезболах.

Во саботата, i24NEWS, повикувајќи се на неименувани високи израелски претставници, објави дека „премиерот Бенјамин Нетанјаху им наредил на министрите да избегнуваат лични напади врз Трамп“.

Според официјалните либански бројки, повеќе од 4.100 луѓе се убиени, а повеќе од 12.000 се ранети во израелските напади што почнаа на 2 март. Израел продолжува да окупира области во јужен Либан. Некои области Израел ги држи со децении, а други ги освои за време на војната 2023-2024 година.

Поврзани содржини