ИЗРАЕЛ НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД ОСОМНИЧЕНИОТ КОПИЛОТ Тел Авив бара екстрадиција и судење во Израел
Израелскиот министер за национална безбедност бара осомничениот омански државјанин да биде екстрадиран во Израел и таму кривично гонет, додека мотивот за нападот сè уште се истражува.
Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир денеска изјави дека ќе побара од безбедносниот кабинет да инсистира на екстрадиција во Израел на копилотот на авиокомпанијата „Флајдубаи“, осомничен дека се обидел да го урне авионот на летот за Тел Авив со 174 патници, од кои повеќето биле Израелци.
Копилотот, кој е омански државјанин, за време на летот од Дубаи кон Тел Авив со нож го нападнал и го избодел индискиот капетан на авионот, Смит Мачхар. Капетанот успеал да ја отвори вратата од пилотската кабина, по што неколку патници влегле внатре и го совладале напаѓачот.
Авионот потоа бил пренасочен и принудно слетал во Табук, Саудиска Арабија. На летот имало и други пилоти на „Флајдубаи“, кои по инцидентот ја презеле контролата врз авионот и безбедно го приземјиле.
Бен-Гвир рече дека ќе ги повика израелското Министерство за правда и дипломатските претставници да ги „искористат сите расположливи средства“ за осомничениот да биде екстрадиран и кривично гонет во Израел, пренесува „Тајмс оф Израел“.
– Лицето кое планирало да урне авион и да убие 180 Израелци мора да биде екстрадирано во Израел и тука да ја добие најстрогата казна. Израел ќе го гони секој што ќе се обиде да убие или повреди Израелци и ќе го повика на одговорност, каде и да се наоѓа во светот – изјави Бен-Гвир.
Процесот на екстрадиција може да се соочи со сериозни дипломатски пречки. Саудиска Арабија, каде што авионот беше пренасочен и каде што осомничениот е во притвор, нема дипломатски односи со Израел. Истото важи и за Оман, земјата чиј државјанин е осомничениот. Израел има дипломатски односи со Обединетите Арапски Емирати, но двете земји немаат билатерален договор за екстрадиција.
Според досегашните информации, истрагата ја водат саудиските, израелските и емиратските власти, а се испитуваат околностите и мотивот за инцидентот, вклучително и можноста за терористички чин. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека смета оти копилотот бил подложен на радикална исламистичка индоктринација, но мотивот и евентуалните врски со други организации сè уште се предмет на истрага.
Портпаролот на Нетанјаху, Дорон Шпилман, истакна дека ранетиот капетан Мачхар ги искористил „последните моменти од својата енергија“ за да ја отвори вратата од пилотската кабина и да овозможи интервенција на патниците. Мачхар бил пренесен во болница во Табук и, според последните информации, е во стабилна состојба.
Подоцна вчера, спасувачки авион со патниците од летот ФЗ1073 на „Флајдубаи“ слетал на аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, откако полетал од Табук. Патниците по инцидентот безбедно пристигнале во Израел.