БРИТАНЕЦ ШПИОНИРАЛ СО КАМЕРА ВО АВИОНСКИ ТОАЛЕТ Му се суди за воајеризам во Сингапур, покрај затвор може да добие ќотек со стап

Откако авионот слетал на аеродромот „Чанги“ во Сингапур, човекот бил приведен на испрашување. Полицијата му ги запленила мобилниот телефон и камерата како доказ.

1

52-годишен Британец ќе се соочи со судење во Сингапур под обвинение за криење камера во тоалет на авион за време на лет од Јапонија. Полицијата соопшти дека човекот далечински го активирал снимањето користејќи го својот мобилен телефон. Инцидентот се случил на 7 октомври, а сингапурската полиција ги објави деталите во средата, пренесе „Индипендент“.

Според првичната истрага, човекот, чиј идентитет не е објавен, ја поставил камерата во еден од тоалетите. Потоа се вратил на своето место и почнал да снима преку апликација на својот мобилен телефон. Скриениот уред подоцна го пронашла членка на кабинскиот екипаж додека го користела тоалетот. Таа ја отстранила камерата и ги информирала колегите, се вели во полициското соопштение.






Британецот подоцна се обидел да си ја земе камерата, но открил дека таа веќе е отстранета. Полицијата се сомнева дека тој потоа ја избришал апликацијата и сите поврзани датотеки од својот мобилен телефон за да не биде откриен.

Откако авионот слетал на аеродромот „Чанги“ во Сингапур, човекот бил приведен на испрашување. Полицијата му ги запленила мобилниот телефон и камерата како доказ.

Мажот ќе се соочи со обвинение за кривично дело воајеризам. Доколку биде осуден, му се заканува затворска казна до две години, парична казна и казна со тепање со стап или комбинација од овие мерки. Тој исто така е обвинет и за попречување на правдата, што носи максимална казна од седум години затвор, парична казна или и двете.

Сингапурската полиција соопшти дека има „нулта толеранција кон сексуалните престапници кои ја загрозуваат личната безбедност на заедницата“ и ги повика сите да бидат будни.

Поврзани содржини