КОВАЧЕВСКИ СВИКУВА ЛИДЕРСКА ЗА В ПОНЕДЕЛНИК Тема е утврдување на датумот за избори
Ќе се разговара за евроатланските интеграции на земјата, за одржување на редовни претседателски и парламентарни избори и за измените на Изборниот законик - изјави Ковачевски.
Лидерска средба за договор за изборите закажал премиерот Димитар Ковачевски за в понеделник, 4 декември, соопши самиот на денешната прес конференција со шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, кој е во Скопје.
На лидерската треба да учествуваат претставници на сите парламентарни политички партии и претседателот на Парламентот Талат Џафери.
Поканите за учество на лидерската средба Ковачевски ќе ги испрати утре.
– Ќе се разговара за евроатланските интеграции на земјата, за одржување на редовни претседателски и парламентарни избори и за измените на Изборниот законик – изјави Ковачевски.
Борел на оваа прес конференција меѓу другото порача дека европскиот пат на земјата треба да биде пред и над партиските превирања.
– Ако сакате да одите по патот на ЕУ мора да го завршите процесот на усвојување на уставните измени и да напредувате во клучните реформи, тоа е во интерес на сите граѓани на оваа земја. Тоа не е нешто што ќе донесе корист на една политичка партија, туку корист за целиот народ и за Северна Македонија како земја. Се надевам дека со носењето на новиот деловник за работа, со меѓупартиска поддршка, тоа е добар преседан, и се надевам дека ќе следат понатамошни позитивни чекори за ова Собрание и за наредното Собрание, по изборите секако, кога и да се оддржат тие – изјави Борел.