ШТО ЗНАЕЛ ФБИ ЗА САУДИСКАТА ВРСКА СО 11 СЕПТЕМВРИ? Нови снимки по 25 години отвораат старо прашање

Досега необјавени видеоснимки го поврзуваат Омар ал-Бајуми, човекот кој им помогнал на двајца од киднаперите на 11 септември, со Анвар ал-Авлаки и со саудиски функционери. Уште понепријатно за американските власти е прашањето зошто дел од доказите што ФБИ ги имал уште по нападите не стигнале до истражителите што го воделе случајот.

1

Накратко

• ФБИ имал снимки со Ал-Бајуми уште по 11 септември
• Видео го побива неговото тврдење дека не го познавал Ал-Авлаки
• Документ на ФБИ од 2017 го поврзува со саудиското разузнавање


Дваесет и пет години по терористичките напади од 11 септември 2001 година, нови видеоснимки повторно го ставаат под лупа едно од најчувствителните прашања од истрагата: колку американските власти знаеле за врските на Омар ал-Бајуми со саудиски државни структури и со радикални исламистички кругови? И зошто дел од доказите што ФБИ ги имал непосредно по нападите очигледно не стигнале до луѓето кои можеле да ги поврзат точките? Новото истражување на Би-Би-Си открива досега необјавени снимки од човекот кој им помогнал на двајца од 19-те киднапери.






Кој е Омар ал-Бајуми?

Омар ал-Бајуми е Саудиец кој во 1990-тите живеел во Сан Диего, официјално како студент. На 1 февруари 2000 година во ресторан во Калифорнија ги сретнал Наваф ал-Хазми и Калид ал-Михдар, двајца членови на Ал Каеда кои подоцна учествуваа во киднапирањето на летот 77 на „Американ ерлајнс“, авионот што удри во Пентагон. Ал-Бајуми им помогнал да се преселат во Сан Диего, им нашол стан, помогнал со договорот за наем и со отворањето банкарска сметка. Овие факти одамна се утврдени и во официјалниот извештај на Комисијата за 11 септември.

Тогашната официјална истрага, сепак, не пронашла докази дека Ал-Бајуми знаел дека двајцата се терористи. Комисијата го опиша како услужлив и друштвен човек и оцени дека е малку веројатен кандидат за тајна вмешаност со исламистички екстремисти. Не беше утврдено ниту дали неговата прва средба со Ал-Хазми и Ал-Михдар била случајна или договорена. Токму оваа стара процена сега изгледа многу понеизвесно отколку во 2004 година.

Шејнтболот како тренинг за џихад

На една од снимките што сега ги објави Би-Би-Си, направена во 1997 или на почетокот на 1998 година во близина на Сан Диего, Ал-Бајуми е со група мажи на пејнтбол. Меѓу нив е Анвар ал-Авлаки, радикалниот проповедник кој подоцна стана еден од најпознатите лидери на Ал Каеда на Арапскиот Полуостров. Дел од учесниците носат воена облека, вежбаат урбана борба и гаѓање цели. Според Би-Би-Си, ФБИ подоцна добил информации дека некои од учесниците го користеле пејнтболот како тренинг за џихад.

Уште една снимка е можеби поважна. На неа Ал-Бајуми и Ал-Авлаки се прегрнуваат во јануари 1998 година. Тоа директно се судира со исказот на Ал-Бајуми од 2021 година, кога во судската постапка на семејствата на жртвите од 11 септември тврдеше дека не го познавал Ал-Авлаки. Видео доказот бил доставен доверливо до судот во 2022 година, а во јавниот судски регистар бил ставен на 4 септември годинава.

Врска со саудискoто Министерство за исламски прашања

Видеата покажуваат и нешто друго: Ал-Бајуми имал контакти со функционери и проповедници поврзани со саудиското Министерство за исламски прашања. На една снимка се гледа со двајца претставници на министерството во „СиВорлд“. Според истрагата на Би-Би-Си, Ал-Бајуми и Ал-Авлаки најмалку три години учествувале во пејнтбол-средби во Сан Диего кон крајот на 1990-тите и почетокот на 2000-тите.

Прашањето што сега го потресува стариот случај е што знаел ФБИ. Материјалите биле запленети во Велика Британија откако Ал-Бајуми бил уапсен во Бирмингем десет дена по нападите. Копија од пејнтбол-снимката стигнала до канцеларијата на ФБИ во Њујорк и била прегледана. Но, според документите и поранешните истражители со кои разговарал Би-Би-Си, снимката и врската со Ал-Авлаки не биле вклучени во клучните резимеа за екстремистичките контакти на Ал-Бајуми. Дури во пролетта 2002 година канцеларијата на ФБИ во Сан Диего успеала да добие копии од неколку видеа преку американската врска во Лондон.

Математички пресметки за летот

Меѓу запленетите материјали имало и рачно нацртан дијаграм на авион со математички пресметки поврзани со летот. Џефри Брајнхолт, кој по 11 септември надгледувал обвинители за тероризам во американското Министерство за правда, за Би-Би-Си вели дека Ал-Бајуми тогаш бил меѓу сериозните кандидати за обвинение. За значењето на цртежот тој оценува дека во други случаи луѓе биле осудувани и со помалку докази. Сепак, обвинение против Ал-Бајуми никогаш не било поднесено.

Приказната доби уште посериозна димензија години подоцна. Декласифициран документ на ФБИ од 14 јуни 2017 година наведува дека од 1998 година до нападите Ал-Бајуми примал месечен надомест како „cooptee“ на саудиската Генерална разузнавачка дирекција – термин што означува лице ангажирано за одредени задачи или собирање информации. Според документот, информациите што ги собирал за лица од интерес во саудиската заедница во Лос Анџелес и Сан Диего биле проследувани преку тогашниот саудиски амбасадор во Вашингтон, принцот Бандар бин Султан.

Сомнително затворена прелиминарна истрага

Интересно е што сомневања постоеле и пред 11 септември. Извештај на генералниот инспектор на американското Министерство за правда покажува дека извор уште тогаш го опишал Ал-Бајуми како можен агент на Саудиска Арабија. ФБИ водел прелиминарна истрага, но таа била затворена. Едно од објаснувањата дадени подоцна од агентите било дека Саудиска Арабија се сметала за американски сојузник и евентуалната поврзаност на Ал-Бајуми со саудиската влада сама по себе не била третирана како сериозна закана.

Сето ова создава огромна разлика меѓу сликата од 2004 и она што денес го знаеме. Комисијата за 11 септември тогаш соопшти дека нема веродостојни докази оти Ал-Бајуми бил приврзаник на насилен екстремизам или свесно помагал на екстремистички организации. Денес постојат видеоснимки од неговите контакти со Ал-Авлаки, докази дека лажно негирал дека го познавал и документ на ФБИ што го поврзува со саудиската разузнавачка служба. Тоа не значи дека е докажано дека знаел за планот за 11 септември, но значително ја менува процената за човекот кој им помогнал на Ал-Хазми и Ал-Михдар.

Саудиска Арабија категорично ги отфрла обвинувањата дека била вмешана во нападите. Новите снимки исто така не докажуваат дека саудиската влада го организирала, финансирала или однапред знаела за планот на Ал Каеда. Тие, сепак, се нов материјал во судскиот спор тежок околу еден билион долари што семејствата на жртвите го водат против Саудиска Арабија. По четврт век, останува дилемата зошто доказите што можеле да помогнат да се разбере неговата улога останале расфрлани низ американскиот истражен систем и зошто никогаш не довеле до обвинение.

Поврзани содржини