КИЕВ КУБУРИ СО ПЕШАДИЈА, ПА НУДИ И ДО 6.000 ЕВРА Зеленски ја отвора вратата и за странски војници

Украинската армија се соочува со сериозен недостиг на персонал. Киев најави значително зголемување на платите и отворање нови канали за регрутација на странски доброволци.

164

До 6.000 евра месечно ќе заработуваат дел од украинските војници на фронтот, додека Киев се обидува да го надомести сериозниот недостиг на луѓе по четири години војна со Русија.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски најави пакет мерки со кои треба да се зајакне армијата, во време кога преговорите со Москва се во застој, а потребата од нови борци станува сè поизразена.






Пешадијците добиваат четирикратно повисоки примања

По состанокот со клучните министри, Зеленски соопшти дека владата веќе подготвува механизам за новите исплати, кои би требало да почнат уште во јуни.

Основната воена плата ќе биде зголемена за една третина и ќе достигне околу 600 евра месечно.

Најголемо зголемување ќе добијат пешадијците на првата борбена линија. Нивните месечни примања ќе можат да достигнат и до 300.000 гривни, односно околу 6.000 евра.

Покрај повисоките плати, ќе бидат воведени и нови договори за борбени мисии со траење од 10, 14 или од 24 месеци.

Киев бара засилување од странство

Украинскиот претседател најави и проширување на системот за регрутација на странски доброволци.

– Наредив да се создадат значително повеќе можности за регрутирање странски волонтери во украинската армија и да се отворат повеќе канали за регрутирање во оваа смисла – изјави Зеленски.

Според проценките на украинските воени публикации, од почетокот на војната на украинска страна се приклучиле околу 10.000 доброволци од повеќе од 70 земји.

82 милијарди евра за одбрана

Новите мерки доаѓаат откако Украина обезбеди заем од 90 милијарди евра од Европската Унија, што ѝ овозможува значително зголемување на воените трошоци.

Годинешниот буџет за одбрана треба да достигне околу 82,5 милијарди евра, што претставува рекордно ниво од почетокот на војната.

Зеленски порача дека целта е истовремено да се зајакне одбраната и да продолжи трансформацијата на украинската армија во услови на продолжен конфликт со Русија.

Поврзани содржини