Изгубената настава ќе се надоместува со скратени часови?
Ако се покаже дека 14 дена не се доволни во борбата против новиот коронавирус, тогаш најверојатно ќе има дополнување на календарот и ќе нема никаков проблем, брифираат од Владата.
Сè уште е нејасно дали учебната година ќе заврши според вообичаеното на 10 јуни, или, пак, таа ќе биде продолжена поради вонредниот двонеделен распуст. Од Владата брифираат дека сè зависи од тоа дали мерките за времениот прекин на наставата во наредните 14 дена се покажат како ефикасни, а ако не се покажат како доволни, велат оттаму, тогаш најверојатно ќе се пролонгира распустот, а со тоа и денот на распуштањето на учениците.
– Ако се покаже дека 14 дена не се доволни во борбата против новиот коронавирус, тогаш најверојатно ќе има дополнување на календарот и ќе нема никаков проблем. Ние ќе постапуваме во зависност од околностите. Исто така, постои можност и за воведување скратени часови сè до завршувањето на учебната година – брифираат од Влада.
Министерот за образование, Арбр Адеми, пак, рече дека ситуацијата во моментов будно се следи и дека наскоро ќе се одлучува за натамошните чекори.
– Ако отсуството од настава поради коронавирусот е до 14 дена, тоа не е некој голем период. Ние ја следиме состојбата и дополнително ќе излеземе со информација. Можеби прекинот ќе биде помалку од 14 дена, а можеби ќе има потреба и повеќе од две недели учениците да не одат на училиште – појасни Адеми.