УЧИЛИШТАТА НЕМА АВТОМАТСКИ ДА ГИ СКРАТУВААТ ЧАСОВИТЕ ПОРАДИ ЖЕШТИНИТЕ Јаневска ги објасни протоколите
Училиштата треба да ја приспособат наставата на високите температури според протоколите на веб-страницата на министерството за образование, вели министерката Јаневска. Скратување на часовите не следува автоматски поради жештината.
Училиштата мора да ги почитуваат протоколите за работа при превисоки температури, порача министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Правилата предвидуваат и кога да се отвораат или затвораат прозорците и кои активности да ги имаат учениците.
Протоколите се објавени на веб-страницата на Министерството за образование и наука(МОН). Тие се доставени и до сите училишта.
Јаневска рече дека раководствата и наставниците треба да ја приспособат наставата на условите.
– Но, тоа не значи дека нашите деца не треба да учат. Она што треба да се направи е да се почитуваат протоколите – изјави Јаневска.
Високите температури треба да влијаат и врз изборот на активности, вели министерката.
– Ако е жешко, нема да вежбаат физичко, ќе имаат одмор, ликовно, музичко, нешто друго… Јас не сакам да се мешам во нивната работа, но еве една идеја. Ако е постудено ќе направат и некоја физичка вежба .
Протоколите содржат и конкретни насоки за проветрувањето на училниците.
– Таму во протоколите пишува кога треба да се отворат, кога да се затворат прозорците, кои активности треба да ги имаат децата. Мора да се приспособуваме на сѐ што ќе биде предизвик – изјави министерката.
Јаневска одговори и дали училиштата ќе добијат клима-уреди за топлите денови.
– Ќе има клими кога ние како држава ќе бидеме во можност да обезбедиме клими во сите училишта.
Министерката додаде дека државата работи според приоритети и очекува проблемот да се надмине во догледен период.
Градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески, денеска рече дека училиштата во општината ги следат протоколите на МОН и на Центарот за јавно здравје.
Според него, високата температура сама по себе не значи автоматско скратување на часовите. Во Аеродром тоа ќе се случи ако биде активирана предупредувачка, жолта фаза.
– Доколку има појава на жолта фаза, ќе се постапи по протоколот и ќе се скратат часовите, меѓутоа доколку немаме жолта фаза, нема да пристапиме кон скратување – додаде Митески.