ИЗБОРИТЕ ЌЕ БИДАТ РЕДОВНИ, А СДСМ ГИ ОЧЕКУВА ПОСЕРИОЗЕН ПОРАЗ ОД ОНОЈ ПРЕД 2 ГОДИНИ Наследивме проблеми и погрешни политики, со труд и посветеност се консолидира државата
Македонија веќе презема конкретни чекори за деблокирање на дијалогот со Бугарија и ја обвини опозицијата дека свесно ги кочи реформите кои се клучни за европските фондови, вели портпаролката на Владата, Марија Митева.
Оваа Влада за разлика од претходната и покрај наследените проблеми и предизвици и покрај ограничените ресурси, со голем труд и посветеност напорно работи за подобрување на работите во државата, вели портпаролката на Владата Марија Митева и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
– Сè уште се санираат штетите. Од ден за ден низ институциите се појавуваат наследени проблеми и предизвици со коишто се соочуваме. Успеавме навистина да покажеме огромна разлика. Исклучително голем труд и посветеност се потребни за да можете да ги поместите работите – рече Митева во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Таа посочи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја движи државата во правилна насока.
– Сериозни се инвестициите коишто ги направивме во инфраструктурата, во образовни политики… Според индикаторите во економијата од еден слободен пад ние во 6 квартали имаме раст на БДП од 3,5%. Ние имаме сериозни инвестиции во делот на дигитализацијата, која што е тесно поврзана со искоренувањето на корупцијата во институциите или во јавната администрација. Имаме сериозни инвестиции во делот на социјалната политика, во оној регионален развој што го направивме со оние 250 милиони што ги поделивме со цел да се развијат општините. Имавме сериозни инвестиции во делот на бизнис секторот на компаниите – рече Митева.
Успеавме да направиме добра консолидација, додаде таа.
– Успеавме навистина да покажеме едно друго ниво на посветеност и работа во институциите и една сериозност којашто навистина граѓаните мислам дека ја ценат. Незалудно се оние анкети каде што поддршката на владејачката партија има навистина пораст и по две години владеење и верувам дека тоа ќе се одрази и на изборите, затоа што граѓаните одлучуваат дали се задоволни од работата или не – рече Митева.
Таа ја реафирмираше стратешката определба на државата за членство во Европската Унија, но упати сериозни критики за начинот на кој претходната власт на СДСМ и ДУИ ги водела преговорите, оставајќи ја земјата во „вечна чекалница“.
Митева појасни дека новата владина дипломатија се темели на достоинство и заштита на државните интереси, напуштајќи го концептот на постојани отстапки кои не гарантираат резултат.
– Наследивме погрешни политики. Доведени сме во ситуација каде што дијалогот изостанува, а остануваат само условите и ултиматумите. Многу отстапки беа направени во минатото, без да имаме видлив крај. Таков начин на водење надворешна политика мораме да го напуштиме, бидејќи само лошо ни донесе и нè остави пред вратите на ЕУ, иако ни ветуваа дека ќе бидеме рамноправни на масата – истакна Митева.
Наместо апстрактни дебати за Европа, фокусот на Владата сега е ставен на конкретни реформи кои ќе ги донесат европските стандарди дома, додаде Митева и нагласи дека темпото е значително забрзано, а тоа е дел од нивната внатрешна динамика и ветување пред граѓаните.
– Работиме на она што е наша домашна задача. Постојано ни се испорачуваат нови барања, а од другата страна никако да добиеме одговор дека ова е последното. Затоа, наместо да чекаме, ние го забрзуваме темпото на реформите за државата да биде подготвена кога ќе дојде моментот за реален напредок – рече Митева.
Таа рече дека Македонија веќе презема конкретни чекори за деблокирање на дијалогот со Бугарија и ја обвини опозицијата дека свесно ги кочи реформите кои се клучни за европските фондови.
Владата е подготвена за разговор, рече таа, но под јасни услови кои подразбираат заштита на државните интереси.
– Дијалогот е неопходен, но тој не значи автоматска согласност за сите прашања. Нашиот министер за надворешни работи веќе упати официјална покана до министерката за надворешни работи на Бугарија. Очекувам поканата да биде прифатена, да ги отвориме прашањата и да најдеме решение кое ќе биде во насока на заштита на македонскиот национален идентитет – тоа е нашата прва и најважна обврска“, истакна Митева.
На прашањето дали постои опасност државата да ги изгуби предвидените финансиски средства од ЕУ поради политичките пречки, Митева изрази голем оптимизам.
Портпаролката на Владата ја обвини опозицијата дека работат против интересите на граѓаните само за да издејствуваат неуспех на Владата.
– Опозицијата „од петни жили“ посакува Македонија да не успее. Гледате како во Собранието гласаат против Законот за судски совет, кој е дел од реформската агенда. Ја напуштија работната група за Изборниот закон, барајќи алиби за претстојниот пораз. Тоа е работење директно против интересите на македонските граѓани – изјави таа.
Посочи дека Владата ќе продолжи да инсистира на дијалог и носење одлуки со консензус, изразувајќи надеж дека СДСМ ќе го промени својот деструктивен пристап во име на државниот напредок.
Митева ги демантираше тезите на опозицијата за наводен притисок врз Јавното обвинителство и порача дека обидите на СДСМ да прикажат дека сегашната власт постапува како нивната е залуден, бидејќи јавноста ја препознава разликата помеѓу транспарентна комуникација и политичко диктирање на предмети.
Одговарајќи на прашање за комуникацијата помеѓу премиерот Христјан Мицкоски и државниот јавен обвинител Ненад Давески, Митева нагласи дека институционалниот разговор не е исто што и договарање судски исходи.
– Прашањето не е дали имало разговор – тоа е нормално за јавни функции. Клучното прашање е дали има кривично дело или противзаконско дејство. Овие тези ги пласираат структури на СДСМ, истите кои во минатото преку адвокати договараа предмети по бензински станици – изјави Митева.
Таа потсети на јавните признанија од обвинители кои беа дел од претходниот систем, посочувајќи дека токму високи функционери на СДСМ биле тие кои одредувале приоритети во истрагите.
– Слушнавме обвинител кој јавно кажа дека Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска и Зоран Заев во Специјалното јавно обвинителство кажувале на кои предмети да се даде приоритет. Тие луѓе денес тргнуваат од себе и мислат дека сите постапуваат така – вели Митева.
На прашањето дали Владата открила докази за криминал на своите претходници, Митева остана на принципот на немешање во истражните дејствија, но потврди дека се детектирани низа неправилности.
– Не сакам да зборувам за работи надвор од мојата надлежност, особено за истраги. Но, од она што е пласирано во јавноста, евидентно е дека низ институциите се направени низа погрешни постапувања од претходните раководства. Верувам дека надлежните институции ќе постапат соодветно и ќе ги процесираат доказите до Обвинителството – рече таа.
Митева рече дека денес во Обвинителството веќе нема скандали за тоа кој каде треба да биде поставен за шеф или недоразбирања околу делегирањето насоки за постапување, што според неа била секојдневна слика во минатото. Таа изрази надеж дека Обвинителството веќе нема да молчи за случаи кои ја брануваат јавноста со години.
Додаде и дека состојбите во правосудството се резултат на долгогодишни слабости и посочи дека јавноста во изминатиот период сведочи на сериозни случаи, меѓу кои и, како што рече, криминалот со мазут вреден над 160 милиони евра.
Таа оцени дека довербата во правосудниот систем е на многу ниско ниво, но нагласи дека Владата започнала процес на промени, особено преку изборот на новиот државен јавен обвинител, кој поминал без контроверзии и без забелешки за политичка поврзаност, а позитивни реакции дошле и од самата правосудна фела.
– Тоа е клучен показател за начинот на кој Владата е подготвена да ги води процесите и да покаже вистинска политичка волја за независност во работењето на Јавното обвинителство – изјави Митева.
Владината портпаролка рече и дека изборите ќе бидат редовни. Појасни дека доколку ВМРО-ДПМНЕ се води исклучиво од математики и висок рејтинг, изборите би се случиле веднаш, но одговорноста пред граѓаните налага поинаков пристап.
– Ако го гледаме нашиот политички интерес, би можеле веќе утре да одиме на избори согласно анкетите кои покажуваат несомнена доверба. Но, гледајќи го државниот интерес, не смееме да ја вовлекуваме државата во нов циклус кој троши време и пари, а ја запира реализацијата на проектите. Ова е реформска година на сериозни инвестиции и сметаме дека изборите треба да бидат редовни – изјави Митева.
Додаде дека повици за избори од опозицијата се само фасада зад која се крие неподготвеност и внатрешен раздор.
– Не гледам дека СДСМ е подготвена – ниту кадровски, ниту имаат визија или програма. Кај нив владее идентитетска криза. Од една страна велат дека се за ЕУ, а од друга излегуваат од работни групи за реформските закони. Кога ќе се спомнат избори, кај нив се чувствува страв и паника. Верувам дека на следните избори ги очекува уште посериозен пораз од оној пред 2 години – децидна е Митева.
Таа потсети дека опозицијата не поддржала ниту укинување на техничката влада, што според неа е уште еден доказ за политичката какафонија во која се наоѓа левицата.