И БЕЗ ДРЖАВЈАНСТВО ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ДОБИЈАТ ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ Усвоен протокол за координација меѓу институциите во такви случаи

Државата има одговорност кон сите луѓе што престојуваат или живеат во земјата, особено кон оние што со години се соочуваат со административни пречки, рече министерот Тошковски.

347

 

Во Скопје денеска беше промовиран протоколот за лица без државјанство, со кој институциите воспоставуваат системски и координиран пристап за решавање на новите случаи, како и за унапредување на пристапот до основни права, вклучително и здравствена заштита.

Протоколот е резултат на соработката меѓу Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство и Мисијата на ОБСЕ во Скопје и има цел да стави крај на ад-хок решенијата и административните празнини.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, оцени дека промоцијата на протоколот претставува значаен исчекор и надградба на досегашните напори.

– Ова е голем успех за државата, возможен благодарение на посветеноста на оваа Влада, а особено на лидерството на двата ресори – изјави Вал.

Тој потсети дека Македонија стана прва земја на Западен Балкан што ги реши сите познати случаи без државјанство произлезени од распадот на СФРЈ.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оцени дека станува збор за историски чекор во справувањето со проблемот на бездржавјанството.

МВР има одговорност кон сите луѓе што престојуваат или живеат во државата, особено кон оние што со години се соочуваат со административни пречки. Со поддршката на Мисијата на ОБСЕ направивме значајна работа – изјави Тошковски.

Министерот за здравство Азир Алиу нагласи дека протоколот има директно значење за здравствениот систем и за пристапот до здравствени услуги за лицата без државјанство.

– Лицата без државјанство не смее да останат без здравствена заштита и во моментот кога ним им е потребна услуга, ние сме тука таа да биде обезбедена навремено и квалитетно. Задоволство ни е што овие процедури ќе бидат административно завршени – рече Алиу.

Од здравствен аспект, како што рече, новиот пристап ќе овозможи овие лица понатаму да бидат евидентирани и третирани како пациенти во здравствениот систем.

Со протоколот се очекува подобрена координација меѓу институциите, поефикасно решавање на новите случаи без државјанство и обезбедување пристап до основни услуги за една од најранливите категории во општеството.

о.

Поврзани содржини