МАКЕДОНИЈА ТРЕБА ДА ИЗОДИ 10 ЧЕКОРИ КОН ЕУ ДО КРАЈОТ НА ЈУНИ Владата и министерствата работат напорно
Владата и министерствата што се засегнати со овие 10 чекори работат напорно да ги исполнат. На тоа се однесуваше предупредувањето, и такво предупредување не беше испратено само кон Северна Македонија туку и до другите земји кандидати што ги исполнуваат нивните реформски агенди, рече евроамбасадорот Рокас.
Нашата држава работи на десет критични точки, кои се обемни, а една од нив е реформата на Изборниот законик, истакна денеска министерот за европски прашања Беким Сали, кој одговараше на новинарско прашање дали е пристигнат извештајот на Европската комисија за 2025 година.
– Една од специфичните точки е Изборниот законик, кој бара поголем, поширок консензус, не можеме тоа да го направиме преку ден, само за да го исполниме тој чекор затоа што износот што го споменуваме е осум милиони евра за секој чекор. Меѓутоа, дали финансискиот дел е главниот мотив или, пак, исполнувањето на тој чекор, со цел функционирање на системот, е наша цел. Сметам дека како политичари треба да мислиме на идните процеси. Секако, и финансискиот дел е една инфузија за нашиот финансиски систем. Меѓутоа, ние како политичари треба да преземеме одговорност за иднината на државата и тука изборите ни се многу битен фактор – изјави Сали.
Тој додаде дека извештајот од Европската комисија не е пристигнат, но би требало во текот на оваа недела да го добие Владата. Тој посочи дека македонската јавност знае дека тој извештај е позитивен и 16 до 21 точка се прифатени.
– Тоа е одличен знак за нас. Предупредувањето на комесарката Марта Кос и на европатеникот Томас Вајц се однесуваат на најави за идниот период, односно за овој период до јуни за кој имаме два месеца и сметам дека критични се 10-ина точки. Значи, тоа се критични точки, кои се во грејс-период, не се зборува за другите, кои се тековни точки, чекори, кои треба да ги реализираме. Работиме на сите сфери, значи на грејс-периодот и на редовниот период, кој треба да го исполниме. Сметам дека нивната најава, предупредување, е превентивен знак за нашата држава, треба да работиме понапорно – рече Сали.
Министерот за европски прашања Сали рече дека шест точки од 10-те критични веќе се при крај и се очекува до крајот на април да се реализираат, со цел Владата да има два месеца период за адаптација и за можни измени.
– Мораме да признаеме дека се многу специфични и не случајно се останати така и очекуваме повеќето од овие чекори да ги реализираме, некои се веќе завршени и останатиот дел од редовните 27 чекори, кои што се таргет точки, очекувам поголем дел да бидат исполнети од нашите институции – подвлече Сали.
Евроамбасадорот Михаил Рокас потврди дека има уште 10 чекори што треба земјава да ги исполни до јуни, кои, како што рече, се во рамките на грејс периодот.
– Ова е системот по кој што функционира реформската агенда, и доколку периодот помине, а тие не се исполнат, тогаш парите се губат. Владата и министерствата што се засегнати со овие 10 чекори работат напорно да ги исполнат. На тоа се однесуваше предупредувањето, и такво предупредување не беше испратено само кон Северна Македонија туку и до другите земји кандидати што ги исполнуваат нивните реформски агенди. Значи, во тек е напорна работа, не можам да давам предвидувања, ќе треба да почекаме до крајот на јуни за да го видиме исходот – изјави Рокас.
Евроамбасадорот Рокас додаде дека во тек е извештајниот период за чекорите што треба да се исполнат до јуни 2026 година.
– Јас и мојот тим тесно соработуваме со сите министерства и гледаме дека постои моментум. Но не можам да предвидам каков ќе биде исходот на крајот од јуни, односно ќе треба да почекаме дотогаш – вели Рокас.