ДА ПРОДОЛЖИ ДИЈАЛОГОТ ЗА ИЗБОРНОТО ЗАКОНОДАВСТВО Министерот Шасивари го повика СДСМ да се врати на маса
Шасивари рече дека ќе побара средба со Филипче за да му се даде втора шанса на овој процес, кој, како што нагласи, е многу важен бидејќи е дел од реформската агенда.
Дијалогот за изборното законодавство да продолжи, а опозицискиот СДСМ да се врати во процесот и да ги повлече поднесените девет илјади амандмани, порача министерот за правда Јетон Шасивари од денешниот консултативен состанок во Министерството за правда за реформите во изборното законодавство.
На состанокот присуствуваа претставници на сите политички партии застапени во Собранието, освен претставниците на СДСМ. Нема најава кога би се одржала следна ваква средба.
По средбата, министерот Шасивари изјави дека целта на средбата била да се разговара за отворените прашања и за чекорите потребни за деблокирање на процесот и негово враќање во активна институционална динамика.
Тој најави дека во следниот период ќе побара средба со претседателот на СДСМ Венко Филипче со цел да му се даде втора шанса на овој процес, кој, како што нагласи, е многу важен бидејќи е дел од реформската агенда.
– Изборното законодавство бара широка институционална одговорност бидејќи правилата на изборниот процес се темел на довербата на граѓаните во демократските институции. Како министер за правда, мојата покана за разговор не беше покана за политичко надмудрување, туку за институционална одговорност – рече Шасивари.
Изборниот законик, според него, ги утврдува демократските правила според кои граѓаните ја остваруваат својата слободно изразена волја и затоа смета дека сите политички чинители имаат обврска да разговараат.
– Можеме да имаме разни политички ставови, но не смееме да дозволиме разликите да бидат пречка за унапредување на изборниот систем – рече Шасивари.
Министерот истакна дека ги очекува на маса претставниците на СДСМ, како релевантен политички субјект и смета дека мислењето и ставовите на оваа опозициска партија е значајна за дијалогот.
Измените на изборното законодавство треба да бидат во согласност со европските стандарди и препорките на ОБСЕ/ОДИХР, потсети министерот Шасивари.