БРИСЕЛ ПОВТОРНО СО ПОРАКА ДО СКОПЈЕ, УСТАВНИ ИЗМЕНИ ЗА НОВ ЧЕКОР КОН ЕУ Кос се сретна со вицепремиерот Беким Сали

Еврокомесарката за проширување по средбата со Беким Сали порача дека усвојувањето на уставните измени ќе овозможи продолжување на пристапниот процес без дополнителни политички одлуки. Таа посочи дека Црна Гора и Албанија напредуваат и дека сега е можност за придвижување и на Македонија.

58

Еврокомесарката за проширување порача дека Македонија има можност да напредува заедно со другите земји од регионот, но од домашните политичари зависи дали ќе го направат потребниот чекор

Брисел ја повторува пораката дека патот на Македонија кон Европската Унија води преку уставните измени. Еврокомесарката за проширување Марта Кос, по средбата со вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали, упати директен апел до Владата да ја исполни преземената обврска, оценувајќи дека сега е вистинскиот момент земјата да продолжи напред кон ЕУ.






На денешната тет-а-тет средба во Брисел, Кос и Сали разговарале за Планот за раст и за евроинтегративниот процес на Македонија. Во фокусот повторно се најдоа уставните измени, кои, според еврокомесарката, се чекорот што треба да се направи за да продолжи пристапниот процес без потреба од дополнителни политички одлуки.

– Нема многу работи што треба да се направат. Има многу, но станува збор за еден чекор – уставните измени. Откако ќе бидат усвоени уставните амандмани, ќе можеме да продолжиме без дополнителни политички одлуки. Затоа, ова е мојот апел до Владата: ве молам, направете го тоа, исполнете ја вашата обврска. Сигурна сум дека тогаш ќе можеме да продолжиме напред, во најдобар интерес на вашите граѓани – порача Кос.

Еврокомесарката ја поврза можноста за напредок на Македонија со актуелните случувања во процесот на проширување на ЕУ. Таа посочи дека други земји од Западен Балкан бележат напредок и оцени дека и Северна Македонија треба да ја искористи можноста.

– Живееме во историски момент во кој некои други земји од Западен Балкан напредуваат. Се надевам дека многу наскоро ќе го потпишеме пристапниот договор со Црна Гора. И Албанија напредува добро. Значи, ова е навистина вистинскиот момент и Македонија да продолжи напред. Од политичарите во Македонија зависи да ги исполнат очекувањата – порача Кос.

Со оваа порака, еврокомесарката уште еднаш го стави акцентот врз уставните измени како предуслов за следниот чекор во пристапниот процес. Нејзината изјава доаѓа во момент кога, според неа, во регионот има придвижување кон ЕУ, додека одлуката за исполнување на условот во Македонија останува во рацете на домашните политички чинители.

Вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали е во тридневна посета на Брисел, во чии рамки остварува средби со претставници на европските институции.

Разговорите се посветени на евроинтеграциите на Македонија, Планот за раст и соработката со Европската Унија.

– Брисел очекува исполнување на обврската за уставните измени, а нивното усвојување го посочува како следен чекор за продолжување на процесот. Дали и кога ќе се направи тој чекор зависи од одлуките на домашните политички фактори – порачува Кос.

Поврзани содржини