„ГРАНИЦИТЕ МОРА ДА СЕ ЗАШТИТАТ“ Мелони отвори нов фронт по мигрантскиот бран во Шпанија

Италија испрати остри пораки по масовниот упад на мигранти во Сеута. Џорџа Мелони најави можни вонредни мерки, додека шпанските власти распоредија војска на улиците.

2

Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани изјави дека се залага Шпанија да биде суспендирана од Шенген-зоната, откако стотици мигранти илегално пристигнале од Мароко во шпанската северноафриканска енклава Сеута.

„Го поддржувам затворањето на Шенген-зоната за Шпанија“, напиша Тајани на социјалната мрежа „Икс“, осудувајќи ја, како што наведе, „нерегуларната и неконтролирана имиграција“.






Се огласи и италијанската премиерка Џорџа Мелони, која оцени дека сцените од Сеута се вознемирувачки и покажуваат дека „неконтролираната илегална имиграција претставува конкретна закана за безбедноста на европските граници“.

– Разговарав со министерот за внатрешни работи Матео Пјантедози. Италија нема да остане настрана. Ги свикуваме надлежните институции, а по тие состаноци сме подготвени да преземеме и вонредни мерки за заштита на границите и безбедноста на граѓаните, вклучително и суспензија на Шпанија од Шенген-зоната. Нема да отстапиме ниту милиметар. Заштитата на границите, борбата против криумчарите на луѓе и обезбедувањето ефикасна репатријација и натаму ќе бидат меѓу главните приоритети на Владата – рече Мелони.

Мигранти ја преплавија границата на шпанската северноафриканска енклава Сеута, совладувајќи ги полициските сили кај градскиот бранобран, откако допливале од мароканската страна, соопшти шпанската Цивилна гарда.

Во инцидентот загинале девет мигранти, додека шпанските вооружени сили испратиле 60 војници како засилување на полицијата.

Државната телевизија ТВЕ објави дека границата ја преминале меѓу 2.000 и 3.000 млади лица, додека шпанската новинска агенција ЕФЕ јави дека стотици мигранти биле забележани како се качуваат преку заштитната ограда, која во тој момент не била обезбедена од полицијата, и влегуваат во Сеута.

Поради новонастанатата ситуација, шпанската Влада одлучила да испрати војска на улиците на Сеута.

Сеута, заедно со Мелилја – уште еден шпански автономен град во Северна Африка – ја претставува единствената копнена граница на Европската Унија со африканскиот континент. И двата града повремено се соочуваат со бранови мигранти кои преку нив се обидуваат да стигнат до Европа.

Поврзани содржини