ГАСОТ ЌЕ ТЕЧЕ НИЗ МАКЕДОНИЈА ДО ЕВРОПА Азербејџан подготвен веднаш да ја зајакне соработката

Партнерството помеѓу ЕСМ и СОКАР е клучно за нашата енергетска трансформација. Во таа насока, договоренa e средба за интензивирање на активностите во рамки на склучениот меморандум за соработка што беше потпишан за време на КОП 29 самитот во Баку.

385

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во Баку беше пречекана од својот колега, министерот за енергетика на Азербејџан, Парвиз Шахбазов, во рамки на официјалната посета посветена на унапредување на енергетската соработка меѓу двете земји.

На тет-а-тет средбата, која се одржа во Министерството за енергетика на Азербејџан, беше истакната заедничката заложба за зајакнување на партнерството во областа на снабдување со гас. Разговорите се фокусираа на можностите за долгорочни договори за снабдување со гас, како и на потенцијални инвестиции во гасната инфраструктура во Македонија.






– Македонија може да стане регионален центар за транспорт на гас, ние сме подготвени веднаш да се вклучиме во соработка на конкретни проекти и да ви понудиме и експертиза, но и сериозни можности за заеднички проекти доколку постои интерес и од ваша страна – истакна министерот Шахбазов.

– Разговорите за зајакнување на нашето партнерство во областа на енергетиката отворија нови перспективи за Македонија! Се фокусиравме на конкретни чекори за создавање условии за снабдување со гас и можности за инвестиции во модернизација на нашата енергетска инфраструктура – истакна Божиновска.

Посебен акцент беше ставен на можната соработка меѓу државната енергетска компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и азербејџанската државна нафтена компанија СОКАР. Партнерството помеѓу ЕСМ и СОКАР е клучно за нашата енергетска трансформација. Во таа насока, договоренa e средба за интензивирање на активностите во рамки на склучениот меморандум за соработка што беше потпишан за време на КОП 29 самитот во Баку.

Шахбазов упати директна покана до министерката Божиновска да учествува на претстојниот министерски состанок на советодавниот совет за јужниот гасен коридор како и за третиот министерски состанок на советот за зелена енергија.

Министерката Божиновска ја потенцираше подготвеноста на Македонија за активна соработка во повеќе проекти што ќе обезбедат сигурност, одржливост и енергетска независност за земјата, нагласувајќи дека оваа средба претставува значаен чекор во насока на реализација на тие цели.

– Азербејџан ни нуди конкретна соработка која ќе ни помогне да се мапираме како сериозен регионален центар за транспорт на гас. Ова е нешто што би имало стратешко значење за енергетската иднина на нашата земја и би донело поволности и за економијата, но и за граѓаните. На ова сериозно ќе работиме и се надеваме на помошта од нашите меѓународни партнери – истакна Божиновска.

Во рамките на официјалната посета на Азербејџан, македонската делегација предводена од претседателката Силјановска Давкова оствари и работна средба со премиерот на Азербејџан Али Асадов и со претседателката на Националното собрание на Република Азербејџан, Н.Е. г-а Сахиба Гафарова.

Оваа средба, која се одржа во контекст на 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу нашите две земји, беше посветена на зајакнување на билатералните односи, посебно во областа на енергетската соработка.

Претседателката Силјановска-Давкова истакна дека нашите две земји имаат потенцијал за поголема економска соработка, особено во секторот на енергетика, и изрази подготвеност за поддршка на иницијативите кои ќе произлезат од оваа средба.

Поврзани содржини