ЕВРОПА МОРА ДА РАЗВИЕ СВОИ МОДЕЛИ НА ВИ И ДА ИЗГРАДИ ШТО ПОВЕЌЕ ДАТА-ЦЕНТРИ Лагард предупредува дека ЕУ станува премногу зависна од технологиите на САД и на Кина
Според податоците презентирани од претседателката на ЕЦБ, минатата година во САД се развиени 59 значајни модели на вештачка интелигенција, а во Кина по 35. Франција и Обединетото Кралство развија по еден. САД имаат 75% од светскиот компјутерски капацитет за вештачка интелигенција, додека Европа има само 5%.
Европа станува премногу зависна од технологиите на САД и Кина и затоа мора да развие свои модели на вештачка интелигенција и да изгради повеќе центри за податоци, предупреди претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард.
Таквата зависност, верува тaa, би можела да им даде на другите земји невидена моќ над европската економија.
– На Европа ѝ се потребни модели на вештачка интелигенција кои ќе бидат „доволно добри“ за повеќето задачи и можат да се извршуваат во домашни центри за податоци. Ако Европа инвестира во сопствена технологија на вештачка интелигенција, заканата дека може да ѝ се одбие пристап ја губи својата сила – рече Лагард во говорот во Виена.
Сепак, бројките покажуваат колку заостанува Европа. Според податоците презентирани од Лагард, минатата година во САД се развиени 59 значајни модели на вештачка интелигенција, а во Кина по 35. Франција и Обединетото Кралство развија по еден. САД имаат 75% од светскиот компјутерски капацитет за вештачка интелигенција, додека Европа има само 5%.
според Лагард, таквиот баланс на моќ ја доведува Европа до „непријатен избор“.
– Или ќе го забави прифаќањето на вештачката интелигенција бидејќи не може да ги заштити своите податоци и со тоа да се откаже од економскиот раст, или брзо ќе ја прифати, ќе стане екстремно зависна и ќе ризикува да ја изгуби слободата да ја организира својата економија во согласност со сопствените вредности – рече таа.
Вештачката интелигенција би можела да се примени во рок од неколку години во речиси сите клучни сектори – од следење на стоки на границите и избор на даночни пријави за инспекција до управување со возови, следење на пациенти во болници и обработка на банкарски плаќања.
– Отстранувањето на пристапот или промената на условите за користење потоа би ги погодило сите сектори истовремено – предупреди Лагард.
Таквата зависност, додва таа, би им дала на трговските партнери предност што никој досега ја немал во односите со Европа. Би можела да се користи во преговорите за царини, дигитални даноци и други чувствителни прашања.
Европската унија и САД остануваат клучни сојузници, но потезите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп сериозно ја разнишаа меѓусебната доверба.
Меѓу нив се воведувањето на царини, барањата поврзани со преземањето на Гренланд и повлекувањето на некои американски војници од Европа поради политички несогласувања.
Во такви околности, технолошката зависност повеќе не е само прашање на конкурентност, туку и на европската економска безбедност и политичка автономија.
Лагард верува дека Европа не треба нужно веднаш да ги стигне најнапредните американски и кинески модели. Сепак, потребно е да се развијат доволно способни домашни системи што можат да ги извршуваат повеќето задачи и да се обезбеди инфраструктурата потребна за нивната работа.
Еден од најголемите проблеми е недостатокот на компјутерска инфраструктура. Европа веќе нема доволно капацитет во центрите за податоци за да ги задоволи сопствените потреби, а овој јаз, ако продолжат сегашните трендови, би можел да се зголеми повеќе од шест пати во текот на следната деценија.
– Европа веќе има премал капацитет во центрите за податоци за сопствената побарувачка – рече Лагард.
Брзото усвојување на вештачката интелигенција би можело да го зголеми нивото на продуктивност на Европа до 4% во текот на една деценија. Според нејзината проценка, таков ефект би бил трансформативен и за јавните финансии.
Зависноста од американскиот технолошки сектор може да се забележи и на финансиските пазари. Инвестициските потреби на американските технолошки компании се толку големи што тие сè повеќе позајмуваат и во Европа.
Ова ја зголемува побарувачката на европскиот пазар на долгови, ги зголемува трошоците за финансирање и ги истиснува другите заемопримачи.
Исто така, европските пензиски фондови инвестираат голем дел од своите пари во акции на американски технолошки компании, па силниот пад на нивната вредност би влијаел и на европските заштеди.