ЕЛТОН ЏОН ОТКРИ ШТО СМЕТА ДЕКА Е НЕГОВИОТ НАЈГОЛЕМ УСПЕХ ВО ЖИВОТОТ Музичкиот успех не е она со што легендарниот пејач најмногу се гордее

Продаде повеќе од 300 милиони плочи, освои „Еми“, „Греми“, „Оскар“ и „Тони“, настапуваше на „Гластонбери“ и „Live Aid“, а кралицата Елизабета Втора му ја додели титулата витез. Сепак, тој за свој животен успех смета нешто сосема друго

1

Елтон Џон продаде повеќе од 300 милиони плочи, освои „Еми“, „Греми“, „Оскар“ и „Тони“, настапуваше на „Гластонбери“ и „Live Aid“, а кралицата Елизабета Втора му ја додели титулата витез. Сепак, тој не смета дека музичкиот успех е неговото најголемо животно постигнување.

Во разговор за „HELLO!“, 79-годишниот музичар откри дека за него најважната одлука била онаа од 1990 година, кога престанал да пие. Денес зад себе има 36 години без алкохол.






– Трезен сум веќе 36 години и животот никогаш не ми бил подобар –  рекол Елтон.

Тој отворено зборува за периодот кога зависноста можела да му одземе сè што имал.

– Поради зависноста за малку ќе изгубев сè, па тоа што останав трезен е едно од моите најголеми достигнувања. Имав среќа што го живеев овој живот, а тој станува сè подобар – вели тој.

Оваа година Елтон и неговиот сопруг Дејвид Фурниш претставија и безалкохолен пенлив напиток, кој заедно го осмислиле. Музичарот вели дека денес со задоволство им го послужува на пријателите.

– Уживам да ги гледам нивните реакции откако вложивме толку многу труд сè да биде совршено – вели тој.

Иако во 2023 година се прости од големите светски турнеи, Елтон Џон и понатаму повремено настапува. Минатиот септември беше главна ѕвезда на фестивалот „Rock in Rio“, што го опиша како еден од најважните моменти во кариерата.

– Беше неверојатно, еден од најголемите концерти во мојата кариера – вели тој.

Музиката и денес му носи многу радост. Како особено убав момент ја издвоил и овогодишната церемонија на доделувањето на наградите „Ivor Novello“, каде што се дружел со Хари Стајлс, Розалија и Лола Јанг.

– Среќен сум што запознав толку неверојатни луѓе. Дружењето со други музичари ме исполнува со енергија, а таа вечер беше особено инспиративна – рекол Елтон кому следењето на новите изведувачи и откривањето нова музика му помагаат да остане млад.

– Британската музичка сцена повторно минува низ одличен период и прекрасно е да се гледа како уметнички имиња како Лола Јанг и Оливија Дин се пробиваат на светската сцена – додава тој.

Поврзани содржини