КИМ КАРДАШИЈАН ИМА ПЕТ ДАДИЛКИ ЗА ЧЕТИРИ ДЕЦА Реалити ѕвездата откри како изгледа секојдневјето со децата од бракот со Канје Вест
Ким Кардашијан има пет дадилки кои се грижат за нејзините четири деца со поранешниот сопруг Канје Вест, но вели дека и покрај огромната помош сама ги носи и ги зема од училиште, секоја вечер вечера со нив и им чита пред спиење.
45-годишната реалити ѕвезда, Ким Кардашијан, во интервју за „The Sunday Times Style Magazine“ откри дека има пет дадилки кои ѝ помагаат во грижата за четирите деца што ги има со поранешниот сопруг Канје Вест.
Милијардерката бизнисменка објасни дека дадилките работат по принцип на ротација, па секогаш една од нив е со децата кога тие се кај неа.
Ким и Канје ги имаат Норт (13), Сент (10), Чикаго (8) и Псалм (7).
И покрај помошта што ја има, Кардашијан вели дека таа ги носи и ги зема децата од училиште, а секоја вечер вечераат заедно и им чита книги пред спиење.
– Мислам дека сум умерено строга мајка. Исклучително сум трпелива и полна со љубов. Сè уште дозволувам некое од децата да спие во мојот кревет кога сака – вели 45-годишната Кардашијан.
Кардашијан и Вест, кои беа во брак од 2014 до 2022 година, и понатаму мораат да комуницираат околу своите деца. Таа вели дека особено добро се усогласуваат кога станува збор за Норт и нејзините професионални ангажмани.
Нивната најстара ќерка веќе се насочува кон музичка кариера, а Кардашијан вели дека со Вест се обидуваат да бидат усогласени околу проектите во кои таа учествува.
– За тоа татко ѝ и јас имаме подобра комуникација. Се грижиме да бидеме усогласени и таа да учествува во проекти што и двајцата ги одобруваме – вели Кардашијан.
Во интервјуто Ким вели дека била сингл пет години.
– Тоа ми годеше. Можев да се посветам на моите деца и на проектите во кои навистина сакав да учествувам. Воопшто не чувствував дека треба да брзам. Навистина не се чувствував празно. Чувствував дека ми треба време. Сакав целосно да заздравам и да работам на себе. Не бев подготвена да се отворам. Искрено, воопшто не размислував за тоа. Универзумот работи во ваша корист кога едноставно ќе му дозволите – вели таа.
Иако има голема помош околу децата, Кардашијан претходно зборувала за тоа дека родителството понекогаш ѝ е тешко. Во 2024 година признала дека се чувствува осамено во воспитувањето на децата, особено во текот на ноќта.
– Луѓето секогаш ќе кажат: Но ти имаш ресурси да имаш дадилки и помош. А јас во основа сама воспитувам четири деца – рекла тогаш.
Кардашијан во меѓувреме продолжува со своите деловни и професионални ангажмани. Во 2019 година го лансираше брендот „Skims“, а веќе неколку години се обидува да положи правосуден испит.
Нејзината актерска кариера исто така продолжува. Во 2025 година доби улога во серијата „All’s Fair“ на Рајан Марфи, а неодамна го заврши снимањето на втората сезона.
Кардашијан неодамна ја потврди и врската со возачот во Формула 1, Луис Хамилтон. Канје Вест, пак, по разводот со Кардашијан се ожени со манекенката Бјанка Чензори.