ЌЕ СЕ ДОВРШУВААТ ЗГРАДИТЕ НА ФИНКИ И НА ФАКУЛТЕТОТ ЗА ФИЗИЧКА КУЛТУРА Дел од парите се обезбедени и со грант од 250.000 евра од Банката за развој на Советот на Европа

Министерката за образование Весна Јаневска изјави дека овој грант ќе го забрза процесот на доградба на зградите.

174

Банката за развој на Советот на Европа (ЦЕБ) соопшти дека потпишала договор со македонската влада за обезбедување грант од 250.000 евра за високо образование од шпанската сметка за социјална кохезија на банката.

„Грантот ќе обезбеди насочена техничка помош за да помогне во подготовката и започнувањето на инвестициски проект во корист на Универзитетот Св. Кирил и Методиј (УКИМ) во Скопје, најголемиот јавен универзитет во Северна Македонија“, соопшти ЦЕБ.






Овие пари, како што информира на својот Фејсбук профил министерката за образование Весна Јаневска,  ќе бидат додадени на финансиската конструкција за реализација на проектот за изградба на новите објекти за ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје.

– Оваа поддршка ќе го забрза отпочнувањето и завршувањето на проектот – вели Јаневска во постот.

Договорот за грант е потпишан вчера со шпанскиот амбасадор Рафаел Сориано Ортиз и вицегувернерот на Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ) за целни земји, Томаш Бочек.

Новиот проект за доизградба на зградите кои сега се карабина предвидува комплетна промена на првичниот концепт со цел создавање современ, функционален и енергетски ефикасен студентски комплекс.

Притоа како што најави премиерот Христијан мицкоски целоно се напушта барокниот изглед на зградите. Објектите ќе добијат современа и модерна архитектура со нови фасади и естетски решенија за внатрешниот ентериер.

Поради големиот број студенти (над 5.000) и зголемените просторни потреби, донесена е одлука двата недовршени објекти во дворот на УКИМ (кај Мавровка) целосно да му припаднат на ФИНКИ.

Проектот предвидува двата објекти на ФИНКИ да бидат физички поврзани со мост, со цел олеснување на комуникацијата и поквалитетна реализација на интердисциплинарните студии

Бидејќи двете згради кај кампусот му припаднаа на ФИНКИ, за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФК) се предвидува отпочнување на изградба на целосно нов наменски објект на нивната постојна локација (кај ДИФ). Репроектирањето вклучува усогласување со новите, построги стандарди за градење, опремување, дигитализација и енергетска ефикасност на високообразовните установи.

Пред продолжување на финалните градежни работи, со проектот се предвидени заштитни мерки за деловите на постојната бетонска конструкција кои со години беа изложени на атмосферски влијанија

Според официјалните проценки на Министерството за образование и наука (МОН), вкупната реализација на новиот проект за доизградба ќе чини околу 36 милиони евра. Парите ќе се обезбедат од државниот буџет преку подигнат кредит и грантот од 250.000 евра што го доби Министерството за образование од Банката за развој на Советот на Европа.

Поврзани содржини