НОВО НЕСОВЕСНО ФРЛАЊЕ ЃУБРЕ, OВОЈПАТ СРЕДЕ УЛИЦА Го собираат отпадот за пари, а потоа го истовараат кај што ќе стигнат
Две лица со моторче и приколка се снимени како го оставаат целиот товар на јавна површина. За фрлање отпад на недозволено место е предвидена казна од 50 евра.
Не стивнуваат реакциите по снимката од жена која фрла ѓубре во Лепенец, а веќе се појави нов случај на несовесно фрлање отпад. Овојпат на снимка две лица со моторче и приколка застануваат и го истовараат ѓубрето директно на улица.
Станува збор за лица кои собираат отпад од граѓани и за тоа наплаќаат. Наместо товарот да заврши на соодветно место, тој останува на јавна површина.
За фрлање отпад на недозволено место е предвидена казна од 50 евра.
Новиот случај следува откако скопската полиција ја откри 38-годишната жена снимена како од „порше“ фрла отпад во Лепенец, кај устието во Вардар. На снимката жена дури мафнува кон камерата.
Таа беше повикана во полициска станица и ќе треба да плати две казни.