ДОГОВОР ШТО БИЛ САМО НА ХАРТИЈА МОРА ДА СЕ РАСКИНЕ Наводната „загриженост“ на ДУИ е паника дека ќе се открие вистината за испумпаните пари
ВЛЕН обвини дека ДУИ брани проект што нивни кадри претходно сакале да го раскинат, посочувајќи дека реализацијата била само 4% и отворајќи прашања за одговорност.
Од коалицијата ВЛЕН велат дека ДУИ денес брани проект што, според нив, токму нивни функционери претходно сметале дека треба да се раскине, алудирајќи на договорот со Енергоинвест за интерконекцијата со Албанија.
Од таму велат дека иницијативата за раскинување на договорот не е нова и не потекнува од сегашното раководство, туку од поранешниот менаџмент на МЕПСО, во период кога директор на правниот сектор бил Билен Салији од редовите на ДУИ.
– Директор од ДУИ ја започнал постапката за раскинување, затоа што и самите увиделе дека договорот е нефункционален и ги чини граѓаните многу скапо – наведуваат од ВЛЕН.
Тие се повикуваат и на ставот на поранешниот генерален директор на МЕПСО, Куштрим Рамадани, кој јавно изјавил дека би го раскинал договорот.
– Немало активности на терен, немало основ за зголемување на цената, договорот бил фиксен, а компанијата практично не функционирала. Ова не се ставови на ВЛЕН, ова се ставови на луѓе од ДУИ – се наведува во реакцијата.
Според коалицијата, проектот имал реализација од само 4% во период од повеќе години, додека државата плаќала камати за кредит уште од 2015 година, без конкретен напредок на терен.
Од ВЛЕН тврдат дека одлуката за раскинување на договорот е донесена врз основа на детална анализа, поддржана од УСАИД и во согласност со правилата на ЕБРД.
– Одлуката не е импровизирана, туку резултат на детална форензика и анализа, со јасни насоки за постапување – велат од коалицијата.
Во реакцијата се поставуваат и прашања за тоа зошто проектот не бил реализиран во периодот кога ДУИ била на власт.
– Зошто во време на ДУИ не се градел овој проект за поврзување со Албанија? Кој имал интерес проектот да стои, а да се испумпуваат пари? – прашуваат од ВЛЕН.
Од коалицијата додаваат дека, според нив, актуелните реакции на ДУИ се обид да се прикрие одговорноста.
– ДУИ денес не ги брани граѓаните, туку брани систем кој дозволувал проект со години да стои во место додека се создаваат финансиски трошоци – наведуваат од ВЛЕН.
На крајот порачуваат дека, како што велат, ќе продолжат со реализација на проекти.
– ВЛЕН гради и ќе продолжи да гради – стои во реакцијата.