Дијаспората меѓу манипулатори и заштитници
За Филипче, по сѐ изгледа, воопшто не е вредно да се размисли зошто некои земји во најблискиот регион, да не одиме подалеку географски, во Европа и светот, овозможуваат гласање по пошта. И тоа земји со сличен демографски развој и со слично голема дијаспора, раселена на сите континенти.
Ниту гласање по пошта во дијаспората, наместо електронско гласање, не дава гаранции за заштита на изборниот процес, туку претставува само „козметички модифициран предлог“, смета Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Доколку би биле малку послободни во толкувањето на метафорите, потребно е, значи, прскање со козметика, бидејќи нешто очигледно смрди, нешто е „труло“ во дијаспората, поради што е потребна превентивна заштита за да не се дозволат партиско-политички изборни злоупотреби на таа обезличена, аморфна иселеничка маса, со чии гласови може толку лесно да се манипулира.
Или, поинаку речено, иселениците се толку замаени и лесно поводливи, без сопствени ставови и критичко размислување, така што ќе дозволат да бидат повлечени како стадо што со лесно блеење дисциплинирано ќе ја следи опашката на овенот кој ќе им го покаже патот кон изборна победа. Таквата изборна кражба мора да се спречи по секоја цена, така што иселениците или ќе се потегнат на пат до оддалечените дипломатско-конзуларни претставништва, или, пак, ќе фатат пат под нозе па право кон избирачките места во татковината. Друго нема, ако сакаат да си го остварат своето уставно загарнтирано право на глас.
За Филипче, по сѐ изгледа, воопшто не е вредно да се размисли зошто некои земји во најблискиот регион, да не одиме подалеку географски, во Европа и светот, овозможуваат гласање по пошта. И тоа земји со сличен демографски развој и со слично голема дијаспора, раселена на сите континенти.
Во Босна и Херцеговина гласањето по пошта од странство долго време е воспоставен дел од изборниот систем, бидејќи земјата има мошне голема дијаспора. Албанија за прв пат воведе гласање по пошта за иселениците пред парламентарните избори во 2025 година. Реформата беше опишана како голем чекор за албанската дијаспора. Во Словенија исто така се гласа по пошта од странство.
Грчки државјани во дијаспората од 2023 година имаат право бидат регистрирани во посебниот регистар за гласање во странство или по пошта. Претходно имаше значително построги барања. Гласачот, меѓу другото, требаше да го исполни условот дека живеел во Грција најмалку две години од последните 35 години и дека поднел грчка даночна пријава за доход за тековната или претходната година. Таквите барања ограничуваа многу постари Грци во дијаспората.
Ограничувањата беа укинати со законски амандман во 2023 година. Потоа беше воведено и гласање по пошта, прво за изборите за Европскиот парламент и референдумите во 2024 година, а потоа и за националните избори, дозволувајќи им на повеќето грчки граѓани во странство, во европските земји, во Австралија или САД, да гласаат без да патуваат во Грција.
Во Албанија изборниот модел со гласање по пошта за првпат беше применет на парламентарните избори во 2025 година. По изборите опозицијата изнесе обвинувања за неправилности поврзани со гласањето по пошта особено од Грција. Биле изнесени многу забелешки дека сите гласовине не биле обработени правилно. Но, во исто време, практичниот резултат за гласачкото тело во странство беше исклучително позитивен. Гласале околу 195.000 Албанци во дијаспората. Во извештаите на набљудувачите на ОБСЕ гласањето на албанските парламентарни избори во странство е опишано како технички добро организирано, особено имајќи предвид дека тоа беше прв пат да се користи системот.
Најголемата контроверзност на која беше укажано во однос на изборите во Албанијан се однесуваше на поштенските гласови од Грција, каде што живее најголемата албанска дијаспора. Многумина гласачи пријавиле дека никогаш не ги добиле своите пратки за гласање, и покрај тоа што се регистрирале. Други изјавиле дека испораката била значително задоцнета или дека поштенската служба имала тешкотии да ги пронајде вистинските адреси. Исто така, имало и поплаки дека куририте во некои случаи не ги доставувале пратките директно до регистрираниот гласач.
Опозициската партија, Демократската партија на Албанија (ПД), излегла со тврдења дека имало сериозни неправилности со гласовите од Грција. Меѓу другото, ПД укажала дека големи количиства пополнети гласачки ливчиња пристигнале од Грција за краток временски период и дека активистите од владејачката партија можеби влијаеле врз ракувањето со поштенските гласови. Албанската Централна изборна комисија привремено го запрела броењето на поштенските гласови од Грција откако опозицијата изнела забелешки. Сепак, по истрагата, броењето на гласовите било продолжено.
Во секој случај, меѓународните набљудувачи оценија дека Албанија успеала да го спроведе првото гласање надвор од земјата на професионален начин. Во исто време, тие забележаа и други проблеми на изборите, како што се злоупотребата на јавните ресурси и извештаите за притисок врз гласачите, но не ги потврдија тврдењата на опозицијата за манипулација и широко распространета измама на гласачите со поштенски гласови меѓу албанската дијаспора.
Во последните години прашањето за подобрување на претпоставките за помасовно гласање во странство добива се поголемо значење во голем број земји во Европа. Добар пример за тоа е Обединетото Кралство, кое во 2024 година ја укина претходната граница на возраст од 15 години за британските државјани што живеат во странство и и усвои законски измени за доживотно право на глас на парламентарните избори.
Сепак, постојат земји што имаат ограничувања. На пример, во некои ЕУ-членки не е дозволено да се гласа од странство на сите видови избори, а правилата значително се разликуваат меѓу земјите. Но, иако постојат барања за ограничување или укинување на гласањето од странство, ова не е доминантен тренд во Европа. Најчестата дебата што се води е за тоа како гласањето од странство да се направи безбедно и достапно.
Дебатата во Македонија, пак, околу иселениците и нивните права и врски со татковинита, за кои наводно се посакува да бидат посилни, од година во година станува се поздодевна, блазирана, презаситена од флоскули, испразнета од вистинска суштина. Најновата епизода со партиските препукувања околу предлозите за измени во Изборниот законик и „олеснување“ на условите и начините за гласање на дијаспората, не оставаат ни милиметар простор за да се мисли и резонира поинаку.
Не би требало да има никакво сомневање дека многумина во македонската дијаспора го следат тоа со скепса и одбивност. Ако луѓето се сметаат за толку лесно поводливи, без да знаат да размислат со сопствена глава, така што мора да бидат заштитени од манипулации при донесување сопствена одлука, тогаш кој е тој што ќе го земе за себе правото да ја заштити изборната демократија од самите гласачи?