„БОЖЈАТА РАКА“ НА МАРАДОНА НЕ ДОСТИГНА 10 МИЛИОНИ ДОЛАРИ „Адидас Ацтека“ е продадена за 2,5 милиони фунти 

Со истата топка Марадона во 1986 година прво постигнал гол со рака, а 4 минути подоцна го извел легендарниот слалом против Англија.

2

Топката со која Диего Армандо Марадона го постигнал легендарниот гол „Божјата рака“ е продадена за 2,5 милиони фунти.

Топката „Адидас Ацтека“ била продадена на аукција во САД за 2,5 милиони фунти, односно околу 3,3 милиони долари. Пред аукцијата се очекувало нејзината вредност да се приближи до 10 милиони долари.






Станува збор за топката од четвртфиналето на Светското првенство во 1986 година меѓу Аргентина и Англија.

Марадона во 51. минута ја затресол мрежата со рака и ѝ донел водство на Аргентина. Само 4 минути подоцна го постигнал и еден од најпознатите голови во историјата на фудбалот.

Аргентинецот тргнал од средината на теренот, минал покрај 4 противнички фудбалери и го совладал голманот. Аргентина победила, а една недела подоцна станала светски шампион по триумфот над Западна Германија со 3-2.

Повеќе од 3 децении топката ја чувал тунискиот судија Али Бин Насер. Токму тој го судел историското четвртфинале во Мексико Сити.

Бин Насер во 2023 година потпишал писмо со кое потврдил дека истата топка била користена во текот на целиот натпревар. Нејзината автентичност била потврдена и со независна проверка.

Тој претходно ја продал топката во 2022 година за 2,37 милиони долари. Новиот сопственик повторно ја понудил во 2023 година, но тогаш не била постигната минималната цена.

Дресот што Марадона го носел на истиот натпревар бил продаден во 2022 година за 7,1 милиони фунти.

 

Поврзани содржини