🎥 ВУЧИЌ СИ ГИ ОДМЕРИ СИЛИТЕ СО ЖАН-КЛОД ВАН ДАМ Холивудската ѕвезда го победи српскиот претседател во соборување на раце
Жан-Клод Ван Дам е во Србија поради филмскиот фестивал во Ниш. Актерот се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој на Инстаграм, се пофали со средбата со холивуската ѕвезда, но откри и дека загубил од него во соборување на раце.
Српскиот претседател Александар Вучиќ го угостил во Белград белгискиот актер Жан-Клод Ван Дам, кој е во Србија поради филмскиот фестивал во Ниш, а средбата завршила и со малку необична борба меѓу двајцата.
Вучиќ на социјалните мрежи откри дека со холивудскиот актер се натпреварувал во соборување на рака – и изгубил.
– Што се однесува до соборувањето рака, изгубив, но тоа задоволство да го видите на видео нема да ви го приредам – се пошегува Вучиќ во објавата на Инстаграм. Тој додава дека не побарал од Ван Дам да ја демонстрира својата прочуена „шпага меѓу две столчиња“, бидејќи актерот бил облечен во одело.
– Некои дипломатски ризици сепак не треба да се преземаат – напиша српскиот претседател.
Средбата се одржала по повод престојот на Ван Дам во Србија. Познатиот белгиски актер е гостин на Меѓународниот филмски фестивал во Ниш, а Вучиќ нагласи дека неговото учество ќе придонесе за промоција на Ниш и на Србија во светот.
View this post on Instagram
Ван Дам во Србија не дошол случајно. Неговото појавување е поврзано со новото издание на филмскиот фестивал во Ниш, кој оваа година е организиран како меѓународен фестивал. Српскиот магазин „Vreme“ пишува дека фестивалот предизвикува внимание и поради контроверзиите околу неговата организација и односот кон традицијата на поранешните „Филмски средби“ во Ниш.
Но средбата со Вучиќ не е единствената причина поради која престојот на Ван Дам во Србија привлекува внимание. Српските медиуми потсетуваат и на неговата долгогодишна поврзаност со пејачката Драгана Мирковиќ, која живее во Австрија и со која актерот со години е во пријателски односи. „Vreme“ пишува дека токму Мирковиќ во минатото му помогнала кога Ван Дам имал сериозни здравствени проблеми и му овозможила лекување во престижна клиника во Виена.