📽️ СЕ ПРЕВРТЕ АВТОБУС СО 54 УЧЕНИЦИ ВО ХОЛАНДИЈА Десетици тинејџери повредени, пожарникари ги извлекувале низ покривот
Автобус со 54 ученици и четворица професори од Германија се превртел на автопатот А28 во Холандија по судир со доставно комбе. Осум лица се пренесени во болница, а дел од нив се во тешка состојба.
Најмалку 20 лица се повредени откако рано утрово во Холандија се превртел автобус со повеќе од 50 патници, од кои најголемиот дел биле ученици од Германија.
Сообраќајната несреќа се случила на автопатот А28, во близина на Везеп, откако автобусот се судрил со доставно комбе и излетал од патот, пренесува холандскиот јавен сервис „NOS“.
Според локалните власти, автобусот одзади удрил во доставното комбе. По ударот, возачот изгубил контрола, автобусот скршнал и завршил превртен на бокот на спротивната страна од патот.
Во автобусот имало повеќе од 50 лица, главно ученици од Германија.
Осум лица се пренесени во болница поради повредите, меѓу кои и возачот на доставното комбе. Полицијата соопшти дека дел од повредените се во тешка состојба.
Покрај лицата кои биле пренесени во болница, голем број патници со полесни повреди биле прегледани на местото на несреќата.
Портпаролот на полицијата потврдил дека меѓу повредените има тинејџери.
Холандскиот портал „De Stentor“ објави дека меѓу 40 и 45 ученици се здобиле со полесни повреди. Според информациите на порталот, во автобусот имало 54 ученици и четворица професори.
View this post on Instagram
Фотографиите објавени од холандските медиуми покажуваат дека пожарникарите морале да ги извлекуваат патниците низ покривот на превртениот автобус.
Според досегашните информации, повеќето повредени се здобиле со исеченици од скршеното стакло.
По несреќата, автопатот А28 е затворен во двата правци, а на местото на несреќата интервенираат итните служби.
Холандската полиција и надлежните служби продолжуваат со увидот за да се утврдат точните причини и околности под кои дошло до несреќата.