📽️ РОДЕНДЕНСКИ ПЕКОЛ АКО СТЕ СИНГЛ НА 25 ИЛИ 30 ГОДИНИ Во Данска ве врзуваат и ве полеваат со цимет и бибер ако немате партнер
Во Данска постои необична традиција за невенчаните: на 25 години може да бидат „бомбардирани“ со цимет, а на 30 години со бибер – обичај кој од старата трговија со зачини прераснал во бизарна роденденска шега.
Додека младите во Америка и во добар дел од Европа одлучуваат да го одложат бракот до триесеттите години за да се посветат на кариерата, Данска има сосема поинаков, брутален и исклучително „миризлив“ начин да ви каже дека е време да застанете на лудиот камен.
Ако наполните 25 или 30 години во оваа скандинавска земја, а сè уште немате венчален прстен на раката, подгответе се за вистинско сообраќајно и кулинарско лудило. Вашите пријатели нема да ви купат само торта – тие ќе ве врзат за улична бандера и буквално ќе ве претворат во жив зачин.
Првото предупредување – Облак од цимет на 25 години
View this post on Instagram
Замислете го вашиот 25-ти роденден. Очекувате забава, пијалаци и убава атмосфера. Наместо тоа, вашите најдобри пријатели ве грабнуваат, ве изнесуваат на улица, ве врзат за стол или бандера и најпрво ве прскаат со вода (или ве мачкаат со јајца). Причината? Дански садизам? Не, едноставна физика: циметот мора добро да се залепи за вашата кожа и коса. Она што следува е вистински портокалов пекол.
Пријателите не користат мали кујнски кесички, туку индустриски количини цимет. Во ерата на социјалните мрежи, традицијата ескалираше до тој степен што денес редовно се користат дувалки за лисја, па дури и противпожарни апарати наполнети со цимет за да се создаде огромен, густ облак околу славеникот.
Единствената милост што ќе ја добиете се заштитни очила за пливање или маска за дишење, бидејќи вдишувањето на толку мноку цимет може да биде опасно. До крајот на денот, вие не сте славеник – вие сте џиновско, живо циметно лепче кое ќе мириса на Божиќ во наредните две недели.
За тоа како изгледа ова искуство од прва рака, зборува Лукас Хенсен (26) од Орхус, кој минатата година го поминал овој ритуал.
– Знаев што ме чека, па облеков стара облека, но ништо не може да ве подготви за моментот кога циметот ќе ви влезе во ушите и под ноктите. Моите пријатели употребија пет килограми зачин. Најлошиот дел? Се туширав четири пати тој ден, но топлата вода само го активираше мирисот. Следните три недели, на работа ме викаа „Канелбул“ (циметно печиво) бидејќи буквално мирисав како подвижна пекара – вели Лукас.
За девојките, искуството е подеднакво хаотично. Фреја Томсен (25) од Копенхаген го споделува својот трик за преживување.
– Кога ве врзуваат, најважно е да ги држите устата и очите цврсто затворени, дури и ако ви дадат очила. Моите пријатели ме посипаа со цимет сред бел ден на градскиот плоштад. Туристите нè снимаа како да сме луди, но за нас ова е најголемиот доказ за пријателство. Ако пријателите не те посипат со зачин, тоа значи дека не им е грижа за тебе! – вели Томсен.
@ladbible If you are not married by 25 in Denmark, this is what you can expect to happen 😳 🎥: @linerbendtsen #denmark #culture #married #single #fyp ♬ original sound – LADbible
Историјата зад лудилото
Ергените за бибер (Pebersvends)Зад оваа навидум модерна вирална забава се крие историја стара неколку века. Традицијата датира уште од 16-тиот и 17-тиот век, кога низ Данска патувале трговци со зачини. Бидејќи постојано биле на пат во потрага по профит, тие немале време да најдат партнер и да основаат семејство.
Поради нивниот вечен сингл статус, овие ергени го добиле прекарот „Pebersvend“ (во превод: ерген за бибер или момче за бибер), додека за жените се користел терминот Pebermø (мома за бибер).
Како што поминувале вековите, Данците го сфатиле овој прекар премногу буквално. Кога некој ќе наполнел 30 години без партнер, пријателите почнувале да го засипуваат со мелен црн бибер. Циметот на 25 години бил измислен многу подоцна, од помладите генерации кои едноставно немале трпение да чекаат до 30-тата година за да ги мачат своите пријатели, па го избрале циметот како „поблага“ предвесница за она што следува.
Големата ескалација, кога биберот напаѓа на 30 години
View this post on Instagram
Ако мислевте дека циметот е лош, почекајте да наполните 30 години без брачен сертификат. На овој јубилеј, зачинот официјално се менува во мелен црн бибер.
Секој што некогаш истурил малку повеќе бибер во супата знае колку тоа предизвикува кашлање и кивање. Сега замислете неколку килограми од тој зачин фрлени директно во вашето лице.
Но, Данците во некои региони, како полуостровот Јитланд, одат уште подалеку. Ако сте сингл на 30 години, вашите пријатели нема само да ве засипат со бибер – тие во вашиот двор ќе изградат огромни скулптури од метални буриња за бибер. Овие инсталации често се високи по неколку метри, украсени со знамиња и натписи, така што целиот комшилук и секој случаен минувач точно знае дека во таа куќа живее некој што сè уште не „кажал да“.
View this post on Instagram
Кошмарот на комуналните работници: „Најтешко се чисти кога врне“
И додека за славениците и пријателите ова е незаборавна забава, за градските комунални служби во Копенхаген и Оденсе, овие родендени се вистински кошмар. Чистењето на тони ситен зачин од историските калдрми не е воопшто лесна задача. Јеспер, долгогодишен чистач на улиците во Копенхаген, со воздишка објаснува како изгледа нивниот работен ден по еден ваков викенд.
– Циметот и биберот се толку ситни што влегуваат во секоја пукнатина меѓу камењата на калдрмата. Нашите машини за метлање едноставно го креваат зачинот во воздухот и тогаш целиот плоштад почнува да кива. Најлошо е кога врне веднаш по роденденот. Циметот во комбинација со вода и јајца станува како леплив цемент кој мораме рачно да го стругаме со млазови вода под висок притисок. Апелираме до младите барем да го соберат крупниот отпад зад себе, но кога алкохолот ќе си го направи своето, чистењето секогаш останува на нас – вели Јаспер.
Големиот дански парадокс
Најфасцинантниот дел од целата оваа приказна е статистичкиот парадокс во кој живее Данска. Според официјалните податоци, Данците се меѓу нациите кои најдоцна стапуваат во брак во цела Европа – просечната возраст за жени е околу 32 години, а за мажи над 34 години.
Ова значи дека речиси секој млад Данeц и Данка во одреден момент од животот завршуваат врзани за бандера, покриени со цимет или бибер. Традицијата не е вистинска казна или социјален срам; таа е само изговор за добар хумор, дружење и правење на роденденот незаборавен (и исклучително тежок за перење).
Па, ако наскоро полните 25 или 30 години, а бракот не ви е ни на крај памет, можеби е добра идея да го прославите роденденот некаде надвор од Данска. Или едноставно, купете си добри очила за пливање.