БРИТАНСКАТА ТАЈНА СЛУЖБА ОЦЕНЕТА КАКО НАЈМОЌНА ВО ЕВРОПА Француската ДГСЕ – најдобра во светот во борбата против тероризмот

Како што пренесува „Гардијан“, МИ6 освоила 251 поен и добила високи оценки за својата способност за регрутирање високопозиционирани извори и за инфилтрација во владејачките елити во Русија, Кина, Иран и Турција.

0

Британската Тајна разузнавачка служба (МИ6) е најмоќната надворешна разузнавачка служба во Европа, пред француската Генерална дирекција за надворешна безбедност (ДГСЕ) и холандската разузнавачка служба, покажуваат резултатите од истражувањето на францускиот магазин „Л’Експрес“, во кое учествувале 60 експерти од 25 земји.

Како што пренесува „Гардијан“, МИ6 освоила 251 поен и добила високи оценки за својата способност за регрутирање високопозиционирани извори и за инфилтрација во владејачките елити во Русија, Кина, Иран и Турција.






Француската ДГСЕ се најде на второто место со 169 поени, благодарение на својот глобален дострел и оперативните способности.

Според оценките на експертите, меѓу петте најмоќни европски разузнавачки служби се и оние на Холандија, Украина и на Германија, додека словачката разузнавачка служба е оценета како најслаба.

Поранешниот шеф на операциите за Европа и Евроазија во американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Ралф Гоф, оцени дека „Британците се водечки“ кога станува збор за познавањето на состојбите во Украина, додека САД се „веднаш зад нив“.

Поранешниот шеф на станица на ЦИА, Роберт Горелик, изјави дека Велика Британија „убедливо ги има најсилните разузнавачки служби во Европа“ и дека „МИ6 е извонредна“.

Минатата година Блејз Метревели стана првата жена на чело на МИ6, наследувајќи го Ричард Мур. Таа е една од ретките личности за кои јавно е познато дека работат за оваа разузнавачка служба.

Поранешен директор на ДГСЕ изјавил дека „Британците имаат способност да играат долгорочна игра, инвестирајќи во извори во период од десет години, донекаде слично како Русите. Имаат и чувство за валкани трикови“.

Француската ДГСЕ, чија работа беше прикажана во телевизиската серија „Биро“ (Le Bureau des Légendes), е оценета како една од најдобрите разузнавачки служби во светот во борбата против тероризмот.

Службата е позната и по своите тајни операции за „елиминирање“ лица кои се сметаат за закана за француската национална безбедност. Поранешниот француски претседател Франсоа Оланд јавно изјави дека за време на неговиот мандат биле извршени најмалку 40 операции во кои биле ликвидирани „високовредни“ цели на Блискиот Исток и во Африка, според книга објавена во 2017 година.

Поврзани содржини