СПИЈАТ НА БАЛКОНИ ИЛИ ВО ХОТЕЛИ, ЗЕМААТ БОЛЕДУВАЊА Како Британците се справуваат со прегреаните домови?

Четири милиони Британци изјавиле дека користат импровизирани решенија, како лепење алуминиумска фолија, картон или влажни чаршафи на прозорците за да ја намалат температурата во домовите.

0

Секој шести Британец презема „драстични мерки“ како спиење во кујна, отсуство од работа или престој во хотели за да се справи со топлотните бранови, покажува истражување на хуманитарната организација „Ситизенс адвајс“.

Од организацијата предупредуваат дека милиони луѓе во Обединетото Кралство се „заробени во домови што не можат да ги разладат“, при што речиси половина од испитаниците (44 проценти) посочуваат дека не се во можност да спречат енормно затоплување на нивните живеалишта.






„Ситизенс адвајс“ повика на владини мерки за справување со, како што наведува, „продолжена криза во текот на целата година“ – со екстремни горештини во лето и неподносливи сметки за енергија во зима“.

За да се справат со горештините, граѓаните на Велика Британија спијат на невообичаени места како кујни, градини или балкони, користат продолжени боледувања, неплатен или годишен одмор, дури и плаќаат престој во хотели.

Четири милиони Британци изјавиле дека користат импровизирани решенија, како лепење алуминиумска фолија, картон или влажни чаршафи на прозорците за да ја намалат температурата во домовите.

Истражувањето покажало дека лошо дизајнираните домови што се претвораат во „топлотни стапици“, кај граѓаните создаваат чувство на беспомошност.

Околу половина од станарите (51 процент) во згради сметаат дека немаат доволна контрола за да спречат прегревање на домовите, во споредба со 40 проценти од сопствениците на куќи.

Истражувањето покажало и дека околу 90.000 корисници на системи за централно греење не можеле да го исклучат греењето во летните месеци.

Директорката на „Ситизенс адвајс“, Дејм Клер Мориарти, изјави дека за многу луѓе топлотните бранови не значат уживање во сонцето, туку „заробеност во прегреани домови без можност за контрола на температурата“.

Британската влада соопшти дека ги менува правилата за граѓаните да можат да добијат финансиска поддршка за топлински пумпи, што можат да служат и за ладење и за загревање на живеалиштата. Владата наведува и дека презема мерки за подобра заштита на станарите од опасно прегревање и дека новите станбени објекти ќе бидат дизајнирани за да спречат претерано загревање од сонцето.

Во истражувањето што на 1 и 2 јули го спровела агенцијата „Јондер“, биле опфатени 2.105 возрасни лица во Велика Британија.

Поврзани содржини