ЈАКИМОВСКИ ЌЕ ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРОТИВ МВР ЗА ЛАЖНО ПРИЈАВУВАЊЕ Немаше потреба од помпа, можевме да се разбереме

Предметот за тениските терени на „Александар палас“ е чист како солза и од сателит се гледа дека е политички монтиран процес во кој што колегите кои го работеле овој предмет ќе настрадаат затоа што градоначалник им е Стевче Јакимовски, вели градоначалникот на Карпош.

384

Градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски ќе поднесе кривична пријава за лажно пријавување против Министерството за внатрешни работи во врска со тениските игралишта на хотелот „Александар палас“, за кој МВР поднесе кривични пријави против него и против дел од вработените во секторот Урбанизам во Општината.

– Поднесена е кривична пријава затоа што сме извршиле легализација на овие тениски терени кои што се составен дел на „Александар палас“, а за кои што има и одобрение за градба. Овде имаме тениски терени, сопственост на „Борис Трајковски“, изградени 2013 година од Владата на Македонија, впишани во Катастар со имотен лист. Значи она што го тврди Владата дека се времени објекти, е тотална лага, односно на Министерството за внатрешни работи – рече вчера Јакимовски.






Тој посочи неколку примери со иста ситуација, но тие сопственици не одговараат по никаков закон.

– Ова се сансет тениски терени во Аеродром, значи приватна сопственост на земјиште кое што е дадено со право на користење. Потполно иста ситуација како оваа, тие истите биле впишани во 1999 година и дадено е одобрение за градба. Понатаму, хотел „Русија“, тениски терени изградени во 2015 година до хотелот кои се впишани во Катастар. Во парк тениските терени на „Југ“, тоа е 1995 година. Сите терени на „Југ“ се впишани во Катастар како имот на тенискиот клуб „Југ“, и еве уште едно, ова се тениски терени во склоп на основно училиште во Кисела Вода, изградени 1995 година и сопственик е Општина Кисела Вода. Сега јас сакам да ги прашам професионалците од Министерството за внатрешни работи, како тоа впишани се во Катастар како имот сите овие тениски терени, односно спортски терени во сите други општини, само во Карпош не смеело да се впишува, и како тоа сите имаат право на упис во Катастар, само господата од „Александар палас“ немаат право на сопственост? Овде јасно си стои во геодетските подлоги кои што се издадени 1999 година, во кои што точно се гледаат тениските терени. Ова Катастарот го снимил и впишал сѐ што видел на лице место и тоа е секаде. А потоа се прави излагање и на тоа излагање вие го носите основот по кој вие тоа го владеете. Е сега, „Александар палас“ кога било излагањето не го доставил документот кој што го поседувал, а тоа е одобрението за градба, за тоа да им се впише како сопственост, туку тој рок тие го пропуштиле. Ова е сопственост на „Александар палас“, но со незапишани права и тие незапишани права ги остваруваат преку Законот за легализација донесен 2011 и дополна 2016 година и Општина Карпош и службениците на Општина Карпош постапиле согласно Законските прописи и нема никаков пропуст – уверува Јакимовски.

Тој вели дека за ова не морало да се прави помпа туку дека можеле убаво да се разберат и да се расчисти ситуацијата.

– Сакам да кажам дека за ова што го прават треба да им е срам, не мораше да има ваква помпезност, за сѐ ова можевме да се разбереме. Очигледно тие сакаат да си прават маркетинг и сакам да им порачам дека ако сакате да си правите маркетинг и да си правите политичко влијание да си се вработите во маркетинг агенција. А не во Министерството за внатрешни работи каде што ве плаќаме со народни пари наместо да гоните организиран криминал и корупција, вие се бавите со маркетинг и пропаганда. Ова е чиста пропаганда за која што тие треба да се срамат. Сакам да нагласам дека ние со нашите колеги ќе поднесеме кривична пријава за лажно пријавување затоа што овој предмет е чист како солза и не треба за ова да бидеш посебен професионалец туку од сателит се гледа дека е политички монтиран процес во кој што колегите кои го работеле овој предмет, како колатерална штета ќе настрадаат затоа што градоначалник им е Стевче Јакимовски – рече градоначалникот на Карпош.

Поврзани содржини