КАЗНИ ОД ПО 1.300 ЕВРА ЗА ШЕСТ ГРАДИЛИШТА ВО ЦЕНТАР Засилени контроли, инспектори затекнале прекршувања
Инспекциските служби во изминатата недела контролирале 10 активни градилишта, при што се изречени шест казни од по 1.300 евра и се отстранети бесправно поставени блокатори и столбчиња.
Шест градилишта во Општина Центар се казнети со по 1.300 евра поради прекршувања утврдени при инспекциски контроли, соопшти Општината.
Инспекциските служби во изминатата недела контролирале 10 активни градилишта на територијата на општината, при што биле констатирани нарушувања на комуналниот ред и непочитување на Законот за јавна чистота.
Контролите биле спроведени и во доцните попладневни часови, а за утврдените прекршоци биле изречени шест казни во висина од по 1.300 евра.
На уште три локации инспекторите отстраниле блокатори и столбчиња кои биле бесправно поставени на јавни површини.
– Инспекциските служби се на терен. Покрај редовните надзори, спроведуваме вонредни контроли со цел заштита на животната средина, спречување на загадувањето, одржување на јавната чистота и безбедни тротоари и улици. Нема да толерираме нарушување на јавниот простор – порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Од Општина Центар апелираат до инвеститорите и градежните компании да ги почитуваат законските обврски и да преземат мерки за заштита на околината, особено при изведување градежни работи во зони со индивидуално домување.