МАТКА ДОБИ СВЕТСКА СЛАВА, ПИТАЛА ДОБИ ПРИЗНАНИЕ Полскиот нуркач е прогласен за почесен граѓанин на Скопје
Бартломиеј Питала, полскиот нуркач кој достигна 338 метри длабочина во пештерата Врело на Матка, е прогласен за почесен граѓанин на Скопје.
Полскиот нуркач Бартломиеј Питала, кој со спуштањето на 338 метри длабочина во подводната пештера Врело на Матка постави историски рекорд, е прогласен за почесен граѓанин на Скопје.
Одлуката била донесена денеска на седница на Советот на Град Скопје, а ја соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој истакна дека со ова признание градот му оддава почит на човекот чиј подвиг ја стави Матка на светската мапа на подводните истражувања.
Питала го постигнал рекордот во рамките на меѓународната експедиција „Врело 2026“, со поддршка на тим нуркачи од Македонија, Полска и Италија. Со достигнатата длабочина, Врело на Матка стана најдлабоката подводна пештера во светот истражена од човек, наведува Ѓорѓиевски.
– На 338 метри под водата, во длабочините на Врело, полскиот нуркач Бартломиеј Питала испиша историја! – објави градоначалникот.
Тој оценува дека успехот е голема можност за привлекување уште повеќе туристи, истражувачи и љубители на природата во Скопје, кои ќе имаат можност да го запознаат природното богатство на Матка.
Ѓорѓиевски му изрази благодарност на Питала за експедицијата, историскиот рекорд и придонесот во светската промоција на Скопје.
– Со ова признание, Скопје му оддава заслужена почит на човекот кој ги помести границите на истражувањето и ни даде уште една голема причина за гордост – порача Ѓорѓиевски.
Градоначалникот додаде дека Питала оставил трага во историјата на Врело и во срцето на Скопје.
– Од денес, нашиот град е и негов! Скопје ги памети и ги почитува луѓето што го задолжиле со своите дела – напиша Ѓорѓиевски.