СТОТИЦИ ВЕРНИЦИ ВО ПОВОРКА ВО СКОПЈЕ ЗА МАЛА БОГОРОДИЦА Ѓорѓиевски порача – нека Богородица го чува секој дом

Молитвена поворка вечерва помина низ центарот на Скопје во пресрет на Мала Богородица. Верниците ја носеа иконата на Пресвета Богородица – Троеручица, по празничната богослужба во истоимениот храм.

105

Стотици православни верници вечерва со молитва и иконата на Пресвета Богородица – Троеручица поминаа низ центарот на Скопје, одбележувајќи го претстојниот празник Рождество на Пресвета Богородица, во народот познат како Мала Богородица.

Претходно, во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ беше одржана празнична вечерна богослужба, по која верниците излегоа на улиците во молитвена поворка.






На одбележувањето се осврна и градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, кој порача дека празникот се пречекува со заедничка молитва за здравје, мир и благосостојба.

„Обединети во верата и надежта, со заедничка молитва за здравје, мир и благосостојба, го пречекуваме овој голем празник. Пресвета Богородица нека го чува Скопје и секој дом во него“, напиша Ѓорѓиевски.

Рождеството на Пресвета Богородица се празнува на 21 септември и е еден од 12-те големи празници во православната традиција.

Според црковното предание, раѓањето на Богородица го означува почетокот на настаните што водат кон Христовото раѓање, поради што празникот се поврзува со радост, надеж и вера.

Во народот е познат како Мала Богородица, за разлика од Успението на Пресвета Богородица, познато како Голема Богородица, кое се одбележува на 28 август.

Поврзани содржини