ОРБАН ОБЈАВИ ДОКУМЕНТИ ОД 1982 ГОДИНА Како млад војник одбил да соработува со тајните служби

Поранешниот унгарски премиер објави документи од 1982 година и од крајот на 1980-тите, тврдејќи дека тајните служби го следеле него и неговото семејство. Досиејата се отвораат по одлука на новата влада на Петер Маѓар, која во април ја прекина 16-годишната власт на Орбан.

138

Комунистичките тајни служби се обиделе да го регрутираат Виктор Орбан како доушник додека служел војска, но тој одбил да соработува, по што бил ставен под постојан надзор, тврди поранешниот унгарски премиер. Орбан објави документи од 1982 година и од крајот на 1980-тите, само 1 ден пред Унгарија да почне јавно да ги објавува досиејата на комунистичката државна безбедност, јави Ројтерс.

„На почетокот на воениот рок се обидоа да ме регрутираат, но јас одбив, па обидот беше неуспешен“, напиша Орбан на Фејсбук.






Според него, тајните служби потоа го следеле него, неговата сопруга и неговите политички соработници. Тврди дека меѓу нив биле уфрлани доушници, а уреди за прислушување биле поставувани во нивните канцеларии, домови, па дури и во спалните соби.

 

„Подоцна, јас, мојата сопруга и моите соборци дисиденти бевме под постојан надзор. Сите бевме предмет на истрага на тајниот партиски апарат“, наведе поранешниот премиер.

Неговата објава доаѓа во пресрет на отворањето на архивите на унгарската државна безбедност од периодот меѓу 1956 и 1989 година. Во нив се евидентирани околу 55.000 тајни соработници, а документите од утре ќе бидат достапни преку јавна интернет-база.

Одлуката е дел од изборните ветувања на актуелниот премиер Петер Маѓар, чија десноцентристичка партија ТИСА го победи Орбан на парламентарните избори во април годинава.

Иако комунистичкиот режим падна во 1989 година, Унгарија со децении го одложуваше целосното отворање на архивите. Досега граѓаните главно можеа да побараат пристап само до сопствените досиеја или до документите на блиски роднини.

Поврзани содржини