КАПЕТАНОТ ПИКАР ЈА ЗАГУБИ ПОСЛЕДНАТА БИТКА Почина Сер Патрик Стјуарт, ѕвездата на „Ѕвездени патеки“

Британскиот актер, кој светската слава ја стекна како капетанот Жан-Лук Пикард во „Ѕвездени патеки“ и професорот Чарлс Ксавиер во „Икс-мен“, почина на 28 октомври во Лос Анџелес.

90

Британскиот актер Сер Патрик Стјуарт, светски познат по улогите на капетанот Жан-Лук Пикард во „Ѕвездени патеки“ и професорот Чарлс Ксавиер во филмскиот серијал „Икс-мен“, почина на 28 октомври во Лос Анџелес, на 86-годишна возраст.

Веста за неговата смрт ја објави британскиот весник „Телеграф“. Според објавените информации, Стјуарт починал по борба со Алцхајмерова болест и деменција со Левиеви телца.






Кралицата Елизабета Втора во 2010 година му ја додели витешката титула „Сер“ за неговиот придонес во уметноста и драмата.

Сер Патрик Стјуарт е роден на 13 јули 1940 година во Мирфилд, во Јоркшир, во работничко семејство. Детството му било обележано со сиромаштија и семејно насилство од страна на неговиот татко. Подоцна, тој отворено зборувал за своите искуства и станал гласен поддржувач на борбата против семејното насилство.

На 15-годишна возраст го напуштил училиштето за да работи како новинар, но набргу добил стипендија за актерската школа „Bristol Old Vic“, каде што го започнал своето професионално образование.

Пред да стане препознатливо лице на светската филмска и телевизиска сцена, Стјуарт изгради долга и успешна театарска кариера. Во 1966 година станал член на престижната „Royal Shakespeare Company“, со која настапувал повеќе од две децении.

На сцената ги толкувал ликовите во некои од најзначајните дела на Вилијам Шекспир, меѓу кои „Макбет“, „Хамлет“ и „Отело“. Важел за еден од најистакнатите шекспировски актери од својата генерација.

Светската популарност ја стекна во 1987 година, кога ја доби улогата на капетанот Жан-Лук Пикард во серијата „Ѕвездени патеки: Следната генерација“. Ликот на командантот на вселенскиот брод „Ентерпрајз“ стана еден од најпрепознатливите во научнофантастичната телевизиска продукција.

Во 2000 година ја презеде улогата на професорот Чарлс Ксавиер во филмот „Икс-мен“, со што стекна нова генерација обожаватели. Ликот го толкуваше во повеќе продолженија во текот на следните две децении.

Стјуарт беше во брак трипати и имаше две деца од првиот брак. Беше и голем навивач на фудбалскиот клуб „Хадерсфилд Таун“, а со актерот Ијан Мекелен го поврзувало долгогодишно пријателство.

Со неговата смрт завршува повеќедецениска кариера во која подеднакво се истакна на театарската сцена, на телевизија и на големото платно.

Поврзани содржини