ЏЕНИФЕР ЛОРЕНС РЕАГИРАЛА ЗА СНИМАЊЕТО НА ГОЛИ СЦЕНИ „Имаше луѓе кои не смееја да бидат таму“
Џенифер Лоренс откри дека еднаш жестоко реагирала кога за време на снимањето гола сцена на филмскиот сет се нашле членови на екипата чие присуство не било одобрено. Оскаровката објасни дека нејзината реакција не била важна само за неа, туку и за помладите актерки кои можеби би се плашеле да се пожалат.
Во гостувањето во поткастот „Call Her Daddy“, актерката Џенифер Лоренс зборуваше за тоа како со годините научила почесто да се зазема за себе и да поставува јасни граници во филмската индустрија.
– Имаше ситуација на снимање кога, додека снимав гола сцена, таму имаше членови на екипата чие присуство не беше одобрено – раскажа Лоренс. Таа нагласи дека реагирала остро затоа што смета дека мора да постојат јасни правила за заштита на актерите.
– Ако ние не го поставиме тој принцип, што ќе се случи со некоја 18-годишна девојка, која сè уште не е позната, кога ќе се најде во таква ситуација? Ќе треба да избере дали да проговори и да ризикува да ја прогласат за проблематична или да дозволи да присуствуваат луѓе со кои не се чувствува пријатно да ја гледаат гола – објасни актерката.
Лоренс додаде дека ѝ било важно на присутните да им објасни зошто таквото однесување е неприфатливо. Според неа, актерите треба да имаат право да знаат кој присуствува на снимањето интимни сцени и да се чувствуваат безбедно во работната средина.
Актерката зборуваше и за поинаков момент од снимањето на филмот „Die My Love“, во кој глуми покрај Роберт Патинсон. Лоренс откри дека продукцискиот тим ѝ испратил фотографија од кадар на кој се гледал целулитот на нејзиниот задник и ја прашале дали сака да го ретушираат, а таа им одговорила негативно велејќи: Не. Тоа е задник.
Лоренс објасни дека за време на снимањето на филмот била бремена и дека тоа ѝ помогнало помалку да се оптоварува со изгледот. Претходно, за улогата во комедијата „No Hard Feelings“ од 2023 година, внимавала на исхраната, избегнувала јаглехидрати и редовно вежбала.
– Бев бремена. Што требаше да направам, да не јадам? Работев по 15 часа дневно и едноставно бев уморна – раскажа таа, додавајќи дека во тој период чувствувала поголема слобода да го прифати своето тело.
Во „Die My Love“, во режија на Лин Ремзи, Лоренс ја игра Грејс, жена која со партнерот се сели од Њујорк во рурална Монтана и се соочува со сериозни психички тешкотии по раѓањето на детето. Филмот е адаптација на романот на аргентинската писателка Аријана Харвич.
Актерката претходно изјави дека нема проблем со голотијата пред камерите и дека сакала режисерката да има целосна уметничка слобода. Сепак, нејзината најнова исповед покажува дека за неа постои јасна разлика меѓу уметничката слобода и непочитувањето на личните граници.