РАСЕЛ БРЕНД ТВРДИ ДЕКА НЕ МУ ДОЗВОЛИЛЕ ДА БИДЕ ПОКРАЈ СИНОТ ПО ОПЕРАЦИЈАТА НА СРЦЕТО Според британскиот комичар обвинувањата за силувања го проголтале целиот негов живот

Расел Бренд тврди дека лондонска болница не му дозволила да биде покрај синот за време на операција на срцето поради медиумските објави за обвиненијата против него.

0

Британскиот комичар Расел Бренд тврди дека лондонската детска болница не му дозволила да биде покрај својот син додека детето било на операција на отворено срце и на последователно лекување. Според неговото сведочење во судскиот процес против него, причината била медиумскиот материјал објавен за сексуалните обвинувања против него во 2023 година.

Бренд за ова зборувал во средата, на 28 октомври, кога сведочел пред судот во Саутворк во Лондон, каде што се соочува со обвиненија за силување и сексуални напади. Тој изјавил дека болницата „Грејт Ормонд стрит“ му соопштила дека не може да биде присутен додека неговиот син се лекува.






– Причината што ми ја дадоа во болницата „Грејт Ормонд стрит“, додека мојот син беше на операција на отворено срце и на последователно лекување, беше објавениот материјал – рекол Бренд, пренесува ITV News.

Тој додал дека нему и на неговата сопруга Лора Галечер им било кажано дека мора да му го забранат присуството. Според неговото сведочење, не им била јасно објаснета конкретната правна причина за таквата одлука.

Бренд, кој има три деца со сопругата Лора, зборувал и за последиците што, според него, ги имале јавните обвинувања врз неговиот живот. Рекол дека тие биле „погубни“ за него и дека пријатели и поранешни колеги му го свртеле грбот. На прашањето дали успеал да најде некого што би сведочел во негова одбрана, одговорил дека не успеал и дека овие обвинувања го проголтале целиот негов живот.

Комичарот се соочува со три обвиненија за силување, три за сексуален напад и едно за обид за непристоен напад, поврзани со шест жени и наводни инциденти од периодот меѓу 1999 и 2009 година. Бренд ги негира сите обвиненија. Жените ги изнеле своите тврдења откако во 2023 година беа објавени истражувачки прилог и новинарски текстови за неговото однесување.

Во сведочењето Бренд инсистирал дека сексуалните односи за кои станува збор биле со согласност.

– Согласноста е основна, суштинска и неопходна, а во многу аспекти е поважна и од самиот секс – рекол тој пред судот. Обвинителството, пак, тврди дека жените биле подложени на сексуално насилство и принуда.

Поврзани содржини