ЕГЗИТ СЕ ВРАЌА ДОМА Музичкиот фестивал во јули 2027 повторно на Петроварадинската тврдина
Егзит следното лето повторно ќе се одржи во Нови Сад, иако првично беше најавено дека ќе се врати дури во 2028 година. Организаторите најавија посебно фестивалско издание во јули 2027 година, а деталите ќе бидат објавени допрва.
Музичкиот фестивал „Егзит“ во јули следната година повторно ќе ја собере публиката на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, откако годинава за првпат по 25 години не се одржа на својата традиционална локација.
Организаторите соопштија дека одлучиле да го забрзаат враќањето поради големиот интерес на публиката, која им испраќала пораки и барала фестивалот да се врати порано од планираното. Првичната намера била големото враќање да се случи во 2028 година, бидејќи подготовките за фестивал од таков обем бараат најмалку 18 месеци.
– Иако големото враќање на Егзит е планирано за 2028 година, веќе следниот јули повторно се собираме на Тврдината за да ги прославиме слободата, единството и љубовта, со посебно искуство на Егзит, чии детали наскоро ќе ги откриеме – објавија организаторите.
Тие истакнаа дека враќањето го поврзуваат со храброста, решителноста и истрајноста на студентите во Србија. Претходно најавија дека фестивалот ќе се врати во земјата кога, според нивните зборови, повторно ќе има слобода.
Овогодишното издание на „Егзит“ се одржа на повеќе локации низ светот, во рамките на меѓународната турнеја што ги опфати, меѓу другите, Малта, Хрватска, Македонија и Египет. Одлуката фестивалот да ја напушти својата традиционална локација организаторите ја поврзаа со политичкиот притисок и поддршката што им ја дадоа на студентските протести во Србија.
Засега не се познати датумите, програмата и изведувачите за специјалното издание во јули 2027 година. Организаторите најавија дека дополнителните информации ќе ги објават наскоро.