СУПЕРИНТЕЛИГЕНТНИОТ „ЏЕМИНИ 4 КАРБОН“ ЌЕ ШТИТИ ОД ХАКЕРСКИ НАПАДИ Гугл лансира нов модел на АИ достапен само за експерти за кибербезбедност
Според компанијата, моделот е дизајниран за сложени задачи, кои бараат долготрајна обработка.
Американската компанија „Гугл“ (Google) го претстави „Џемини 4 карбон“ (Gemini 4 „Карбон“) – нов модел на вештачка интелигенција, кој, според наводите, се наоѓа на првото место на „Индексот на анализа на АИ“ (Artificial Analysis Intelligence Index). Како што соопшти технолошкиот гигант, во почетната фаза тој ќе биде достапен исклучиво за избрани стручњаци за кибербезбедност.
„Карбон“ доаѓа по моделот „Џемини 4 аргон“ (Gemini 4 Argon). Новиот АИ-модел беше најавен од извршниот директор на „Гугл“, Сундар Пичај, преку објава на „Линкд ин“.
„Реков дека периодично ќе објавуваме модели“, напиша Пичај додавајќи дека „Карбон“ го покажува темпото со кое компанијата ги поместува границите во развојот на АИ.
„Гугл“ нагласува дека „Карбон“ особено се истакнува во областа на кибербезбедноста. Тој постигна 88,2 отсто на тестот „СЕК-бенч про/SEC-bench Pro“, кој ја мери способноста за откривање софтверски ранливости. На протоколот „Експлојт џим/ExploitGym“ за процена на ранливостите постигна 54,8 отсто, а на „Си-даблју-и-бенч / CWE-bench“ за мерење на способноста за поправање на ранливостите во кодот АИ-моделот оствари 71 отсто.
Компанијата исто така наведува дека, врз основа на внатрешни тестирања, „Карбон“ е повеќе од двојно поделотворен од „Аргон“ во пишувањето безбеден код. Тимот на пребарувачот „Хром“ (Chrome) на „Гугл“ извести дека „Карбон“ надминал еден голем модел од друга компанија за повеќе од 10 пати кога станува збор за генерирање висококвалитетни виртуелни „лепенки“ (patches) за софтверот. „Гугл“ не кажа точно кој модел бил користен за споредба.
Според компанијата, моделот е дизајниран за сложени задачи, кои бараат долготрајна обработка. Од таму наведуваат дека забележале како тој со денови работи на сложени инженерски предизвици, како што се идентификување и поправање грешки во обемни бази на код.
„Гугл“ тврди дека „Карбон“ го преполовил бројот на неосновани тврдења во споредба со „Аргон“ и дека повеќе не мами на репер-пробите. Во тестовите за отпорност на таканаречените напади со „вшприцување наредби“ (prompt injection) стапката на успех за ваквите напади е намалена на нула отсто. Моделот засега не е достапен за јавноста. Според најавите, за програмерите, почетната цена ќе изнесува два долари за милион влезни токени и 10 долари за милион излезни токени. По тој почетен период, се очекува дека цената ќе се удвои на четири, т.е. 20 долари.