ФОРУМ BUSINESS FOR BUSINESS 2026 ВО СКОПЈЕ Комерцијална банка ги поврза бизнисите со новите правила за раст
Второто издание на форумот под мотото „Посилна иднина со новите правила за раст“, отвори дијалог за темите што ја менуваат иднината на компаниите: вештачката интелигенција и новите технологии, ESG стандардите и современите решенија за поефикасно корпоративно банкарство.
Форумот „Business for Business 2026“ на Комерцијална банка собра над 150 бизнисмени и им донесе ексклузивна можност за размена на искуства и идеи со врвни експерти од глобалниот дигитален лидер Оракл и од успешни домашни компании. Второто издание на форумот под мотото „Посилна иднина со новите правила за раст“, отвори дијалог за темите што ја менуваат иднината на компаниите: вештачката интелигенција и новите технологии, ESG стандардите и современите решенија за поефикасно корпоративно банкарство.
Со големиот интерес, активното учество и позитивните реакции на присутните, форумот Business for Business ја потврди својата вредност како платформа преку која клиентите на Комерцијална банка добиваат многу повеќе од финансиски производи и услуги. На форумот добија пристап до врвно знаење, вредни искуства и практични препораки за развој и конкурентност на нивниот бизнис.
Форумот го отвори д-р Маја Стевкова Штериева, главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.
– За секоја компанија, независно од нејзината големина и дејност, денес се особено важни неколку прашања, како подобро да ги искористиме расположивите ресурси, како да ја зголемиме продуктивноста и како подобро да се подготвиме за секојдневните промени на пазарот. Секојдневните оперативни обврски често оставаат малку простор за да се согледа каде се губи време и каде процесите може да се подобрат. Токму затоа ваквите средби се драгоцена можност да се разменат искуства и да се препознаат решенија што може да имаат конкретна примена во работењето – порача д-р Штериева.
На годинашниот форум, клиентите на Банката имаа можност да разговараат со претставници на Оракл, лидерот во дигиталната трансформација на бизнисите на глобално ниво, за предизвиците што ги носат вештачката интелигенција и современата технологија.
Бојан Садиковиќ, директор во Оракл за продажба, технологија и cloud за BAMMAK регионот, ги претстави дигиталните алатки со кои компаниите ги јакнат своите капацитети и ја отслика иднината на деловниот свет, барем за во наредните 12 месеци.
Бизнис разговорот на д-р Никола Џамбазовски, главен директор за продажба и развој и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, и Елена Филатава, регионален директор во Оракл за Адриа регионот, ги отвори прашањата за тоа дали компаниите губат време и пари без дигитални алатки, кои алатки веќе носат вредност и кои заблуди најмногу го мачат бизнисот кога треба да се зборува за дигитална трансформација.

Д-р Џамбазовски и Филатава се согласија дека дигиталната трансформација не значи само нов слој технологија врз старите деловни процеси, туку инвестиција која треба да ја зголеми продуктивноста, да ја подобри конкурентноста и да го забрза растот на компанијата.
– Стратегијата за вештачка интелигенција е бизнис стратегија. Целта не е веќе AI, туку подобри деловни резултати – порача Филатава.
Вториот панел од форумот беше посветен на „ESG како двигател на растот“ затоа што одржливоста е подеднакво важна за секој бизнис.
Оваа тема ја отвори Билјана Хаџи-Велкова, директор на Дирекцијата за кредитирање на индустрија во Комерцијална банка, со нејзините гости Ивица Карапетров, заменик генерален директор на Бучим, Димитар Ристовски, корпоративен секретар во Алкалоид, и Тихомир Касапинов, менаџер за одржлив развој, менаџмент системи и проект менаџер во ВВ Тиквеш.
А, одговорите и препораките до присутните беа дека ESG е пред сѐ инвестиција за раст, која ја бара и самиот пазар. Беше нагласена и потребата компаниите да гледаат на ESG не само низ призмата на регулаторните барања, туку и како на деловна можност за подобар пристап до финансирање, посилен пазарен настап и одржлив раст.

Воедно беше претставена и поддршката што Комерцијална банка им ја обезбедува на компаниите преку кредитирање, кредитни линии и советодавна поддршка за да стигнат поблиску до ESG стандардите.
Посебно внимание на форумот беше посветено и на EBICS (Electronic Banking Internet Communication Standard), европски стандард за директна и безбедна комуникација на системите на компаниите со Банката. Овој новитет во понудата на Комерцијална банка го најави Горан Купенков, директор на Дирекцијата за платен промет со странство и документарно работење во Банката. EBICS за компаниите носи поголема ефикасност и безбедност во управувањето со финансиските процеси, особено за тие со поголем обем и комплексност на корпоративни плаќања.
– Business for Business форумот уште еднаш покажа дека Комерцијална банка е многу повеќе од финансиски партнер на компаниите. Како лидер во банкарскиот сектор, Банката им обезбедува на своите клиенти и дополнителна вредност преку континуирана поддршка и дијалог за иновации и раст. На тој начин градиме уште подобри решенија и долгорочни партнерства – велат од Банката.