ТРАМП САКАЛ ДА ПРЕКРСТИ ОКЕАН, „ГУГЛ“ ГО ОДБИЛ? Атлантскиот или Тихиот требало да стане „Океан Трамп“

Американскиот претседател тврди дека на интернет-гигантот му предложил океан да го носи неговото име. Компанијата, според неговото прераскажување, одбила да ја смени мапата, а Трамп признал дека се шегувал.

0

Американскиот претседател Доналд Трамп сакал Атлантскиот или Тихиот Океан да го преименува во „Океан Трамп“, но наишол на отпор од „Гугл“. Тој тврди дека претставниците на интернет-гигантот му порачале дека овојпат претерал и дека нема да прифатат уште едно преименување на географска локација.

Необичната приказна Трамп ја раскажал пред своите приврзаници на предизборен собир во американската сојузна држава Џорџија, во петокот.






Според неговото прераскажување, на претставниците на „Гугл“ им испратил мапа на која еден од двата најголеми океани бил означен како „Океан Трамп“.

Реакцијата, како што тврди американскиот претседател, не била воодушевувачка.

– Ни прекипе. Доста е. Не правиме ништо повеќе – рекол Трамп, прераскажувајќи го наводниот одговор од компанијата.

Претставниците на „Гугл“, според него, му објасниле дека преименувањето океан е сосема поинакво прашање од менувањето имиња на заливи или езера.

– Господине, слушајте, ова не можеме да го направиме. Океаните се нешто друго. Тие опфаќаат многу, многу земји. Не можеме да го направиме тоа – ги пренел Трамп нивните зборови.

Американскиот претседател потоа признал дека овојпат се шегувал, но додал дека идејата воопшто не му изгледа лоша.

Засега нема независна потврда дека разговорот со претставниците на „Гугл“ навистина се случил.

Трамп и претходно покажуваше интерес за преименување географски локации, а дел од неговите идеи веќе добија официјална примена во САД.

Во 2025 година, со извршна наредба, тој го преименуваше Мексиканскиот Залив во „Залив на Америка“. „Гугл мапс“ ја прифати промената за корисниците во Соединетите Американски Држави.

Во август oваа година, Трамп го преименувашe и езерото Онтарио, кое се наоѓа на границата меѓу САД и Канада, во „Езеро Америка“.

И оваа промена била прифатена од „Гугл мапс“ за американските корисници.

Трамп во повеќе наврати јавно ја споменувал можноста некој океан да го добие неговото име.

Меѓу неговите претходни идеи беше и преименувањето на Ормускиот Теснец во „Трампов Теснец“, што се толкува како провокација кон Иран, со кој САД се во војна.

Поврзани содржини