БУНТ ВО ГУГЛ ПОРАДИ КОРИСТЕЊЕТО НА АИ ВО ВОЕНИ ЦЕЛИ Врвни експерти поднесуваат оставки
Кога сфатив дека мојата компанија сè повеќе ја поддржува употребата на вештачката интелигенција во воени операции, почувствував срам што работам во Гугл - изјави Лигуори за Би-Би-Си.
Големо незадоволство ја тресе американската технолошка компанија „Гугл“, откако дел од нејзините експерти почнаа да поднесуваат оставки поради употребата на вештачката интелигенција во воени операции. Причината се договорите со американските и израелските власти, кои предизвикаа сериозни етички дилеми меѓу вработените.
Според Би-Би-Си, неколку истражувачи од „Гугл ДипМајнд“, одделот задолжен за развој на напредни системи за вештачка интелигенција, веќе ја напуштиле компанијата или размислуваат за заминување.
Меѓу нив е и истражувачката Софија Лигуори од Лондон, која по три години работа одлучила да поднесе оставка.
– Кога сфатив дека мојата компанија сè повеќе ја поддржува употребата на вештачката интелигенција во воени операции, почувствував срам што работам во Гугл – изјави Лигуори за Би-Би-Си.
Таа смета дека технолошкиот гигант постепено се оддалечува од сопствените етички принципи, особено кога станува збор за можната примена на вештачката интелигенција во оружани конфликти. Незадоволството дополнително се зголемило по договорот со Пентагон, кој овозможува користење на технологијата на „Гугл“ за доверливи воени активности.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет претходно најави дека вештачката интелигенција ќе има значајна улога во идната воена стратегија на САД.
Поранешниот истражувач Андреас Кирш предупредува дека постојните системи за вештачка интелигенција сè уште не се доволно сигурни за употреба на бојното поле.
Според него, постои ризик од погрешни процени, особено доколку технологијата се користи за идентификување и избор на воени цели. Ваквите грешки би можеле да имаат сериозни последици, вклучително и цивилни жртви.
Дополнителни реакции предизвикува проектот „Нимбус“, договор вреден 1,2 милијарди долари меѓу „Гугл“, „Амазон“ и израелската влада, кој опфаќа инфраструктура и технологии за вештачка интелигенција.
Од „Гугл“ ги отфрлаат обвинувањата дека ги прекршуваат сопствените етички стандарди. Компанијата тврди дека договорите со државните институции подлежат на проверки и мора да бидат усогласени со принципите за одговорна употреба на технологијата.