ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ ВОЈНИЦИ ЌЕ ОСТАНАТ ВО АРМИЈАТА ДО ПЕНЗИОНИРАЊЕ Потпишани договори за продолжување на службата и по 45 години

Наместо да ја напуштат службата по навршувањето на 45-тата година, професионалните војници ќе можат да го продолжат работниот однос и да го задржат своето место во одбранбениот систем.

129

Професионалните војници во македонската Армија добиваат можност да продолжат со службата и по навршувањето на 45-тата година, сè до пензионирањето, преку реформата за трансформација на работниот однос.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски информираше дека денеска биле потпишани договорите со професионалните војници опфатени со реформата, со која се овозможува задржување на искусниот кадар во Армијата.






„Денеска со особена чест ги потпишавме договорите со професионалните војници кои благодарение на реформата за трансформација на работниот однос добиваат можност да останат во македонската Армија по навршувањето на 45-тата година, сè до нивното пензионирање“, објави Мисајловски.

Тој посочи дека наместо да ја напуштат службата, професионалните војници ќе продолжат да бидат дел од системот на одбраната, ставајќи ги своето знаење, искуство и професионалност во функција на Армијата и државата.

„Кога реформата носи конкретни резултати, задоволството е уште поголемо“, истакна министерот, упатувајќи благодарност до припадниците на Армијата за нивната посветеност и подготвеност да продолжат да служат со чест и достоинство.

Со оваа реформа се овозможува продолжување на професионалната служба на војниците и задржување на нивното долгогодишно искуство во одбранбениот систем.

Поврзани содржини