ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ОД ДЕМОКРАТСКИ СЕНАТОР ДО ТАНКЕРОТ ШТО НОСИ РУСКИ ДИЗЕЛ КОН ЊУЈОРК Променете го курсот додека сè уште имате време

Американскиот сенатор Ричард Блументал, демократ испрати писмо до директорот на бродската компанија, барајќи од него да нареди враќање на бродот, затоа што ќе ги прекрши законите за санкции на САД.

242

Американскиот сенатор Ричард Блументал, демократ, ја предупреди бродската компанија што носи руски дизел во Соединетите Американски Држави да го промени курсот или ризикува да ги прекрши законите за санкции на САД.

Барањето на сенаторот дојде неколку дена откако беше објавено дека танкерот со малтешко знаме „Агиои Фанедес“ превезува 40.000 тони руски дизел кон Њујорк. Ова е првата испорака како дел од неодамнашниот договор меѓу САД и Русија, што го објави американскиот претседател Доналд Трамп.






Сенаторот Блументал испрати писмо до Атанасиос Мартинос, директор на бродската компанија Eastern Mediterranean Maritime Limited, барајќи од него да ги потврди медиумските извештаи и да нареди враќање на бродот.

„Испраќам силна порака до бродските компании чии танкери носат нелегален руски дизел во нашите пристаништа. Променете го курсот додека сè уште има време“, рече Блументал во објава на социјалните мрежи, со која го сподели и писмото.

Во писмото се наведува дека пратките на дизел се забранети со Законот за ограничување на увозот на руска нафта од 2022 година, потпишан од поранешниот претседател Џо Бајден по почетокот на руската инвазија на Украина.

„Доколку танкерот „Агиои Фанедес“ влезе во пристаништето и истовари товар, ќе учествувате во нелегална трансакција или ќе помагате во нејзиното спроведување“, го предупреди сенаторот Блументал директорот Мартинос.

Договорот на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин за испораките на дизел, објавен на 9 октомври со наведена цел за намалување на цените на горивата на американскиот пазар, не може „да го замени јасниот и недвосмислен закон“, се истакнува во писмото.

„Контрадикторните упатства на администрацијата за руската енергија во последните недели не треба да се користат како изговор за игнорирање на законските забрани. Претседателот можеби издал дозвола за да се овозможи оваа трансакција, но само Конгресот може да ја направи легална“, рече Блументал.

Писмото на Блументал е дел од низа законски иницијативи насочени кон спротивставување на договорот на Трамп за рускиот дизел, кој предизвика силни критики и од демократите и од републиканците во САД.

Демократскиот пратеник Грегори Микс, водечкиот малцински член на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, поднесе закон наречен „Закон за забрана на корумпираните договори за нафта со Русија“. Целта е да се блокира увозот на руски дизел и да се воведат дополнителни санкции против Москва.

Додека Конгресот се обидува да го спречи договорот, танкерот „Агиои Фанедес“ продолжува да плови кон источниот брег на САД. Товарот беше натоварен на 22 октомври во руското балтичко пристаниште Приморск и се очекува да пристигне во САД на 7 ноември.

Кога го објави договорот, Трамп рече дека Русија „веднаш ќе испорача повеќе од 300.000 тони“ дизел гориво на американскиот и глобалниот пазар. Тој рече дека потоа 500.000 тони ќе бидат испорачани во ноември, а уште 1 милион тони „веднаш потоа“. Кратко по објавувањето на договорот, Москва делумно ги укина ограничувањата за извоз на дизел и дозволи продажба на 500.000 тони.

Договорот предизвика загриженост во Киев и меѓу европските партнери кои предупредија дека таков потег би му помогнал на Путин да ја финансира војната во Украина без потреба од значителни отстапки.

Поврзани содржини