ИЗВОЗОТ НА ДИЗЕЛ ЌЕ МУ ЈА ФИНАНСИРА ВОЈНАТА НА ПУТИН Зеленски го критикува Трамп, Сикорски вели дека САД не дале ниту цент

Украинскиот претседател предупредува дека договорот за руски дизел ќе ѝ обезбеди нови приходи на Москва за финансирање на војната. Трамп, пак, тврди дека Украина добила милијарди долари американска помош, но полскиот министер за надворешни работи ја оспорува неговата сметка.

123

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека нема вистинска намера да преговара за мир. Зеленски истовремено го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп поради договорот за продажба на руски дизел.

Според Зеленски, тој договор само ќе ѝ обезбеди нови приходи на Москва за продолжување на војната против Украина.






На прес-конференција во Брисел, каде што учествуваше на самитот на Европската Унија, Зеленски оцени дека Кремљ само создава привид на подготвеност за мировни разговори.

– Путин во моментов не сака мировни преговори, во каква било форма. Тој си игра со зборови. Едноставно кажано, тоа делува како пародија на вистинска желба за ставање крај на војната – изјави Зеленски.

Неговите критики се однесуваат и на договорот што Трамп го најави на 9 октомври, по телефонскиот разговор со Путин. Тој предвидува олеснување на продажбата на руски дизел на светските пазари, вклучително и во САД.

– Благодарение на овој договор за дизел, парите повторно ќе почнат да се слеваат во Русија – предупреди украинскиот претседател.

Зеленски смета дека продажбата на руски дизел нема значително да го ублажи влијанието на кризата во Ормуската Теснина врз светските пазари, но ќе му донесе дополнителни средства на Кремљ.

– Тоа директно ќе ги наполни џебовите на Путин со средства за финансирање на оваа војна – рече Зеленски.

Трамп, меѓутоа, има поинаква оценка за причините поради кои војната продолжува. Во интервју за „Њузмакс“ на 15 октомври, тој го обвини Зеленски дека не е подготвен за мировен договор.

– Зеленски не е човек со кој лесно се соработува. Тој не сака договор. Тврди дека сака, но всушност не сака. Не, не сум голем љубител на Зеленски – изјави Трамп.

Американскиот претседател додаде дека потешко преговара со Зеленски отколку со Путин и оцени дека мирот би бил можен доколку украинскиот лидер се повлече од функцијата.

Во меѓувреме, нов спор предизвикаа и тврдењата на Трамп за американската финансиска и воена помош за Украина. Тој изјави дека Зеленски добил „милијарди и милијарди долари“ од Вашингтон, како и најсовремена американска воена опрема.

На овие тврдења реагираше полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, кој изјави дека САД не потрошиле „ниту еден цент“ за Украина од јануари 2025 година, кога Трамп се врати во Белата куќа.

Податоците на Институтот за светска економија од Кил покажуваат дека новата американска помош за Украина е намалена за 99 отсто во споредба со 2024 година. Анализата го опфаќа периодот до крајот на август 2026 година.

Од друга страна, според Конгресната служба за истражување, американскиот Конгрес одобрил приближно 174,2 милијарди долари за помош поврзана со Украина, главно за време на мандатот на Џо Бајден.

Тоа не значи дека целата сума била исплатена на украинската влада. Значителен дел бил наменет за американско оружје, надополнување на воените залихи, обука на украински војници и други трошоци поврзани со војната.

Покрај финансиските несогласувања, Зеленски предупреди и на проблеми со сателитските комуникации што ги обезбедува компанијата „Спејс икс“ на Илон Маск, а кои се важни за украинската противвоздушна одбрана.

– Во изминатите денови имаше ограничувања на брзината на системот, што значеше дека не можевме да ги собориме дроновите „Шахед“ кои користат млазен погон – изјави Зеленски.

Тој ја опиша ситуацијата како „многу болна и многу непријатна“, но додаде дека услугата постепено се обновува.

Илон Маск во петокот му одговори на Зеленски дека неговата компанија не одлучува за сателитските ограничувања. Истворемено Маск на Икс му порача на Зеленски дека треба да отстапи од функцијата во Украина бидејќи „во војната умираат многу луѓе“.

Трамп подоцна негираше дека тој или Илон Маск се одговорни за проблемите со „Старлинк“, тврдејќи дека САД не вовеле никакви ограничувања за пристапот на Украина до воениот сателитски систем „Старшилд“.

Истовремено, европските лидери, признаа дека засега немаат соодветна замена за американската сателитска технологија. Шефицата на европската дипломатија Каја Калас предупреди дека „Старлинк“ е неопходен за украинската одбрана и дека Европа не може да обезбеди алтернатива на краток рок.

Зеленски побара од европските лидери дополнителни системи за противвоздушна одбрана пред зимата, предупредувајќи дека голем дел од американските системи „Патриот“ моментално се насочуваат кон Блискиот Исток.

– Јавна тајна е дека ние не сме приоритетна дестинација за овие системи – рече украинскиот претседател.

Киев најави продолжување на разговорите со американскиот преговарачки тим во наредните денови. Зеленски истовремено порача дека Украина ќе продолжи да ги напаѓа руските енергетски постројки сè додека Москва не престане со ударите врз украинската енергетска инфраструктура.

Овие изјави доаѓаат во време кога Трамп со извршна наредба го суспендираше спроведувањето на новите американски санкции против Москва, кои требаше да го погодат рускиот енергетски сектор.

Специјалниот пратеник на Путин, Кирил Дмитриев, ја поздрави одлуката како „навистина историски момент“.

Од друга страна, Европската Унија најави дека ќе ги задржи санкциите против Русија и разгледува нова финансиска помош за Украина, која за 2027 година се соочува со недостиг од околу 70 милијарди евра.

Поврзани содржини