РУСКИ ДРОНОВИ ГИ ВОЗНЕМИРИЈА МОЛДАВИЈА И РОМАНИЈА Во Украина осуммина загинати, над милион жители останаа без струја

Пет дрона се урнаа на молдавска територија за нешто повеќе од 17 часа, при што едно лице е полесно повредено. Романија во текот на ноќта крена два борбени авиона поради воздушна цел што се приближувала кон нејзината граница.

84

Пет дрона за нешто повеќе од 17 часа навлегле во молдавскиот воздушен простор и се урнале на територијата на земјата, додека романските власти во саботата рано наутро прогласија воздушна тревога и кренаа борбени авиони поради сомнителна воздушна цел во близина на границата.

Руските напади врз Украина предизвикаа нови безбедносни инциденти во двете соседни земји.






Во Молдавија едно лице е полесно повредено, а причинета е и помала материјална штета. Според молдавските власти, станува збор за руски дронови што навлегле во земјата во текот на четвртокот и петокот.

Леталата се урнале главно во северните и источните делови на Молдавија, која има долга заедничка граница со Украина.

Министерството за надворешни работи во Кишињев остро ја осуди Москва, оценувајќи дека ваквите инциденти претставуваат директна закана за населението.

„Овие инциденти претставуваат закана за безбедноста на граѓаните и ги покажуваат директните последици од руската агресивна војна против Украина врз регионалната стабилност“, соопшти молдавското Министерство за надворешни работи.

Ова не е прв ваков случај. Минатата недела дрон се урнал на околу 35 километри од главниот град Кишињев.

Молдавските власти во повеќе наврати го повикувале рускиот амбасадор Олег Озеров на разговор, барајќи објаснување за нарушувањата на воздушниот простор.

Претседателката Маја Санду редовно ја обвинува Москва дека ја загрозува безбедноста на Молдавија, додека Кремљ ја критикува нејзината проевропска политика.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во четвртокот изјави дека подобрување на односите е можно само доколку владата во Кишињев се откаже од, како што рече, „политиката заснована на русофобија“.

Во меѓувреме, воздушна тревога беше прогласена и во романскиот округ Тулча, откако радарите откриле воздушна цел над Украина што се движела кон романската граница, северно од местото Плауру.

Два борбени авиона Ф-18 на шпанските воздухопловни сили полетале од воздухопловната база „Михаил Когалничану“, каде што учествуваат во засилениот надзор на воздушниот простор.

Романските власти испратиле предупредување до населението преку системот РО-алерт во 1:54 часот по полноќ.

Тревогата била укината во 2:30 часот, а романското Министерство за национална одбрана соопшти дека не е регистрирано навлегување во романскиот воздушен простор.

Истовремено, руските напади врз Украина продолжија со голем интензитет. Во петокот загинале најмалку осум лица, а 60 биле повредени во нападите врз повеќе украински области, според украинските власти.

Во Харков загинале 71-годишна жена и 58-годишен маж, додека во Краматорск и во Дњепропетровската област биле пријавени по две жртви.

Нападите погодиле и цивилни објекти, меѓу кои два трговски центри во Суми и во Ривненската област, како и погон за преработка на храна во Волинската област.

Особено тешки биле последиците од ударите врз енергетската инфраструктура. Повеќе од еден милион жители останале без електрична енергија, а во одделни региони биле регистрирани големи прекини во снабдувањето.

Украинското Министерство за енергетика подоцна соопшти дека ремонтните екипи успеале повторно да воспостават снабдување со електрична енергија за повеќе од еден милион луѓе погодени од нападите. Не е прецизирано колку домаќинства сè уште се без струја.

Во Волинската област, која граничи со Полска, во напад врз погон за преработка на храна загинало едно лице, а осум биле повредени. Во градот Ковел бил погоден и царински терминал, при што изгореле околу десет камиони

Поврзани содржини