ЕДИНСТВЕН БИЛЕТ ЗА ВОЗ И ЗА АВТОБУС ДО СРЕДИНАТА НА ИДНАТА ГОДИНА Системот БРТ треба да се гради напролет

Планот е со една карта да се користат различни видови јавен превоз, вели градоначалникот на Скопје во ТВ гостување. Ѓорѓиевски откри дека системот БРТ кој треба да го поврзе Ѓорче Петров со Аеродром за помалку од 6 минути треба да почне со градба напролет.

397

Еден билет за воз и за автобус треба да стане реалност во Скопје до средината на идната година.

Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски најави интегриран систем со кој патниците повеќе не би плаќале одделно при префрлање од еден вид јавен превоз во друг.






– Да не се симнувате од воз, а сте платиле 40 денари, па да се качите во автобус и да платите уште 35 денари. Со еден билет да можеш да се качиш од Зелениково и да отидеш до Ѓорче Петров – објасни Ѓорѓиевски во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Системот треба да се изработи заедно со Министерството за транспорт. Според градоначалникот, интегрирањето на билетите би требало да го поедностави патувањето и да ги намали трошоците за граѓаните што комбинираат воз и автобус.

Паралелно се придвижува и проектот за брз автобуски превоз БРТ. Ѓорѓиевски најави дека тендерската постапка за проектирање и изградба треба да биде објавена во наредните денови, во координација со Европската банка за обнова и развој.

– Во текот на наредните неколку дена ќе биде објавена тендерската постапка – рече Ѓорѓиевски.

Доколку постапката се одвива според планот, градежните работи би почнале кон крајот на пролетта во 2027 година.

БРТ треба да го поврзе Ѓорче Петров со Аеродром, а проектот предвидува и набавка на дополнителни 40 еколошки автобуси. Според Ѓорѓиевски, планираната фреквенција треба да овозможи патниците да чекаат помалку од 6 минути.

Намерата е БРТ, градскиот воз и новите автобуси да станат три алтернативи за скопјани што сакаат поретко да го користат автомобилот.

– Ако ги врземе градскиот воз, новите автобуси и БРТ, мислам дека скопјани ќе имаат три сериозно добри алтернативи надвор од својот автомобил – изјави градоначалникот.

Ѓорѓиевски очекува целиот БРТ-проект да стане функционален до крајот на неговиот мандат, доколку реализацијата се одвива според планот.

Проектот во минатото предизвикуваше полемики, меѓу другото и поради зафатите врз средишното зеленило на булеварите. Ѓорѓиевски рече дека дел од тогашните критики биле оправдани, но потврди дека проектот продолжува.

Тој најави дека на отворањето на БРТ би го поканил и поранешниот градоначалник Петре Шилегов, кој беше тесно поврзан со проектот.

Поврзани содржини