ПОЧИНА ЧОВЕКОТ КОЈ ГИ ОБЛЕКУВАШЕ МАДОНА, ШЕР И ТИНА ТАРНЕР Негова е и скицата за култниот фустан на Мерлин Монро

Легендарниот американски костимограф почина на 87 години, а неговите светки, пердуви и смели креации оставија трага во музиката, телевизијата и Холивуд.

42

Почина Боб Меки, американскиот моден и костимограф кој ги облекуваше Шер, Тина Тарнер, Мадона, Дајана Рос, Барбра Стрејсенд и Лајза Минели. Имаше 87 години.

Веста за неговата смрт беше објавена на 14 септември на неговите официјални профили на социјалните мрежи. Причината за смртта не е соопштена.






– Со тешки срца ја споделуваме веста дека г. Боб Меки почина денес. Тој ги живееше своите 87 години до максимум, исполнувајќи го својот сон да биде моден и костимограф, што беше единственото нешто што сакаше да го прави – се наведува во објавата.

Меки беше препознатлив по раскошните и смели костими, светките и пердувите со кои со децении го градеше сценскиот изглед на некои од најголемите имиња во шоу-бизнисот. Особено долга беше неговата соработка со Шер, а работеше и со Керол Барнет во сите 11 сезони од нејзиното шоу.

Еден од најинтересните детали од неговата рана кариера води до Мерилин Монро. Меки ја изработил оригиналната скица за славниот фустан што таа го носеше во 1962 година кога му ја испеа „Happy Birthday, Mr. President“ на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди.

Во кариерата освои 9 награди „Еми“ и една награда „Тони“, а 3 пати беше номиниран за „Оскар“. Во 2002 година стана член на Телевизиската сала на славните.

Неговите костими не останаа само дел од историјата на шоу-бизнисот. Архивските креации на Меки и денес ги носат ѕвезди од новата генерација, меѓу кои Зендаја и Тејлор Свифт.

Поврзани содржини